Претседателот Ѓорге Иванов, денеска ги одликуваше со Медал за заслуги за Македонија, истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер.

Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Германија.

Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и САД.

Американскиот лингвист, Кристина Крамер е одликувана со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и САД и Канада.

Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со Медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.

извор: Makfax