„Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“ – со цитат од Блаже Конески, шефот на државата Горѓе Иванов и се обрати на нацијата од Крушево по повод празникот, 2 август.

Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба. А дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името? Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, посочи Иванов пред насобраните граѓани.

Тој додаде дека останува доследен на својот став, и дека не го прифаќа договорот за името меѓу Скопје и Атина, бидејќи како што посочи, тој грчкиот договор е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Македонија.

Истовремено, Иванов од Крушево повика да престане да се злоупотребува остварувањето на стратешките цели и определби на земајата. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Македонија, додаде шефот на државата.

„Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава. Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската Унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја. Лага е дека со овој договор конечно ќе сме станале рамноправен субјект со тоа што Грција ќе не признаела. Напротив, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите нации, туку спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република“, порача Иванов.

И конечно, лага е дека со овој грчки договор, рече Иванов се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ.

Многупати се обидувале да ни накалемат некаков туѓ идентитет, но сепак не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас, изјави претседателот Иванов.

„За да ја разбереме историската одговорност на народот кон својата република неопходно е да се вратиме на изворот, каде што водата е најбистра, рече Иванов и додаде во 1919 година, македонските студенти во Софија побарале од Ѓорчета Петров да одржи беседа на гробот на Гоце Делчев. Тие најверојатно очекувале да го чујат веќе познатиот наратив дека Делчев бил алфа и омега на револуционерна Македонија. Но, Ѓорче им кажал нешто друго. Гоце верувал дека не силните индивидуи, туку организираната сила на народот треба да ја изнесе борбата на своите плешки. Делчевата генерација кај народот ја вгнездила верата во сопствените сили, бидејќи ропството исчезнува тогаш кога робот престанува да биде роб во душата. Ѓорче им рекол дека македонското ослободително дело е историска неопходност што не се должи само на поединци, туку на колективната волја на населението во Македонија. Тој бил убеден дека „идејата за самостојна Македонија е директна цел на нејзиното население“ на нејзиниот македонски народ.

Оваа цел за самостојна Македонија започна да се реализира на нашиот прв Илинден, во нашата прва република – Крушевската Република создадена заради правдата, слободата и човечкиот живот на нејзините граѓани. И оваа благородна цел продолжи да се развива на нашиот втор Илинден, во нашата втора АСНОМ-ска Република Македонија која стана симбол на слободата и изразител на суверенитетот на македонскиот народ.И токму оваа цел беше конечно заокружена на нашиот трет Илинден, кога на 8 септември 1991-та од суверената волја на македонскиот народ се роди суверената македонска држава. Нишката што ги поврзува трите наши македонски републики е суверенета волја на македонскиот народ. Таа суверена, општа волја на македонскиот народ секогаш била изразена во општото добро – во републиката, вели шефот на македонската држава во своето обраќање од Крушево“, истакна претседателот.

извор: Makfax