Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Арапска Република Египет и на Канада во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет, со седиште во Софија, Моајад Фатхаллах ел – Далие, претседателот Иванов истакнал дека двете држави имаат традиционално пријателски односи и порачал дека е потребно да се изнајдат нови форми за содржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи на сите полиња од заемен интерес.

„Македонскиот претседател изрази задоволство од соработката меѓу безбедносните и разузнавачките служби и изрази очекување за понатамошно унапредување на соработката во областа на безбедноста и во борбата против тероризмот, екстремизмот и радикализмот. Иванов посочи на потребата од обновување на старите деловни врски меѓу бизнисмените на двете земји преку искористување на поволната бизнис клима“, информираат од Кабинетот на Иванов.

 

Амбасадорот на Арапска Република Египет, Моајад Фатхаллах ел – Далие посочил дека двете земји развиваат срдечни односи на меѓусебно разбирање, соработка и негување на принципите за мир и стабилност во светот и изрази уверување дека истите ќе продолжат да се унапредуваат и во периодот што следи.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Канада во Република Македонија со седиште во Белград, Кетлин Чаба, Иванов истакнал дека двете земји ги карактеризира вистинско пријателство, а поддршката од Канада за евроатлантските аспирации на Македонија е од големо значење. Тој изразил очекување за уште позасилена поддршка во претстојниот период и отворено лобирање од влијателната Канада во рамките на Алијансата, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Македонија во Алијансата. Амбасадорката изјавила дека со гордост Канада го признава уставното име на Република Македонија и изразила очекување за наш напредок кон членството во НАТО и ЕУ.

Иванов на новоименуваните амбасадори им посакал успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

извор: Makfax