Под мотото „Продолжуваме кон целта”, Партијата за движење на Турците (ТХП) продолжува со предизборната кампања за престојните предвремени парламентарни избори.

На предизборната трибина организирана во Кичево се обрати Претседателот на ТХП, Енес Ибрахим, кој воедно е и кандидат за пратеник во 5-та изборна единица. Ибрахим во својот говор се осврна на долгогодишната принципиелна борба на ТХП, која беше препознаена од страна на граѓаните од турската етничка заедница и заеднички се собори режимот. Ибрахим додаде дека ТХП и во следните години ќе продолжи да работи за демократско и праведно општество, чии темели се поставија во изминативе три години.

„Нашата цел е Република Северна Македонија континуирано да се развива во сите полиња, а нашите граѓани да имаат поквалитетен живот со европски стандарди. Покажавме дека државата може и треба да пружи рака на секој граѓанин без разлика на етничка, верска, политичка припадност. Со вашата поддршка и во следните 4 години ќе продолжиме да создаваме нови работни места, да обезбедиме повисоки примања, да ги зголемиме странските инвестиции, но и да ги задржиме младите во нашата татковина”, кажа Ибрахим, навестувајќи голема победа на коалицијата „Можеме” на 15-ти јули.

На трибината учествуваше и генералниот секретар на ЛДП, Боби Мојсоски, кандидат за пратеник од 5-та изборна единица.

извор: Makfax