Претседателот на Партијата за движење на Турците (ТХП), воедно и кандидат за пратеник, Енес Ибрахим се сретна со граѓаните од Гостивар и ги изнесе клучните точки од изборната програма на ТХП.

Ибрахим во својот говор истакна дека разликите меѓу, како што кажа, режимскиот период и последните три години е очигледна.

„Од поделено општество и разнебитени граѓани создадовме општество кое нуди еднакви можности на сите, општество кое се одликува со солидарност, заедништво и слободарски дух. Во нашиот концепт нема место за раздор, бидејќи разноликоста ја перципираме како предност и богатство на оваа земја, а Гостивар е светол пример на средина каде сите заедници функционираат во кохезија“, рече претседателот на ТХП, изразувајќи уверување дека на 15 Јули граѓаните ќе потврдат дека се за континуитет на успешните политики од изминатите три години и ќе дадат огромна поддршка на кандидатските листи на коалицијата „Можеме“.

извор: Makfax