Откако Владата одлучи да соработува во вонредна состојба и услови на светска пандемија на коронавирус, со ЗНМ и Советот за етика, за што веќе реагираше Македонската асоцијација на новинари (МАН), се огласи и IAB Македонија со која МАН има потпишано Меморандум за меѓусебна соработка и чии членови уште пред три години (многу години пред ЗНМ и Совет за етика) формираа регистар на он-лајн медиуми со обврска за почитување на етичкиот Кодекс.

– Ве информираме дека регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинари на Македонија не претставува официјален регистар на онлјан медиуми и не ги содржи сите онлајн медиуми во РС Македонија.

Воедно, сакаме да Ве информираме дека постојат и други регистри и саморегулаторни кодекси, како на пример регистарот и кодексот на ИАБ Македонија чии потписнички се согласни меѓусебно да ги регулираат и заемно да ги почитуваат правилата за фер, етички и добри професионални практики во врска со креирањето и објавувањето на содржини, производи и услуги кои ги нудат преку своите дигитални медиуми, а кој може да го погледнете на следниот линк: https://www.iab.mk/etichki-kodeks/.

Дополнително, постојат и регистрирани онлајн медиуми кои не се дел од ниту еден регистар, а сепак ги исполнуваат условите за работа како онлајн медиум согласно важечките закони. Затоа, потребно е преиспитување на вашата Одлука и да се овозможи доделување на дозволи за сите онлајн медиуми кои се регистрирани како правни лица во РСМ и имаат импресум, соопштуваат од ИАБ Македонија.