Теренски ќе се проверуваат околу 15.000 адреси, со што целосно ќе се тргне сомнежот дека постојат нерегуларности во избирачкиот список, како што тоа го тврди СДСМ.
На терен ќе се проверуваат околу 100.000 лица и сето тоа ќе биде спроведено во рамки на роковите.
Со тоа, нема повеќе никаков простор за сомнеж, зошто сите адути на СДСМ се истрошени. Од избори бегање нема и истите се договорени за 5 јуни.
Откако ВМРО-ДПМНЕ ја фрли ракавицата и се согласи да се проверат сите гласови за кои СДСМ тврдеше дека се сомнителни, тие повторно го напуштија ДИК, бидејќи немаа друг аргумент да ги кочат процесите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски јасно порача дека фантомски гласачи во Македонија немало, нема и нема да има.
– СДСМ се во хаос пред пораз. По толку напори и валкани игри, ставање на располагање на сили да дојдат на власт, сфаќаат дека се разобличени и дека ќе го имаат истиот пораз како во 2014-та година. Сега бараат алиби да го оправдаат поразот, а тоа е создавање на привид дека којзнае што се случува со списоците. Сега дека ги чека пораз по таква година и пол каква што им приредија на македонските граѓани. Вчера, како што сум информиран, го тероризираа ДИК со закани, укажувања дека ќе напуштат со цел да издејствуваат поголема бројка на гласачи кои ќе бидат проверени да изгледа дека сомнежот е голем. Ако треба реално со вкрстување на евиденции да се проверат 10.000, тие сакаат тоа да биде 100.000, 500.000. Тоа е создавање на привид кој ќе им обезбеди алиби, прво пред изборите пак да одложат, а нема да успеат. И второ ако дојдат на избори да имаат алиби. Ова многу ќе ги чини. Колку е поголема бројката на луѓе кои ќе ги проверуваат, поголем зијан за нив. Тоа се чесни луѓе кои си гласаат по закон, а некој ќе им тропа на врата и ќе ги распрашува. Тоа дополнително ќе влијае на нивниот рејтинг, тие ги множат граѓаните со нула. Фантомски гласачи во Македонија немало, нема и ќе нема, порача Груевски.
Ова е најдобар доказ дека се е во ред со Избирачкиот список, а постоењето на наводни фантомски гласови е само измислена приказна за да се одолговлекуваат изборите и одложи соочувањето со народот.
-Чудно е зошто СДСМ и господинот Заев не видоа фантомски гласачи во Струмица, во Центар, во Куманово и зошто не видоа фантомски гласачи 2002, 2004, 2006, 2008 година. СДСМ очигледно е дека е уморен од извборните порази, а Република Македонија и граѓаните на Република Македонија се уморни од однесувањето на СДСМ и држењето на ваква една тензија каде што главен заложник на вавкото политичко деструктивно однесување на СДСМ е самата држава, спокојството на граѓаните, економскиот развој и ефикасноста на државните институции, рече пратеникот Антонио Милошоски.
По седницата на ДИК владејачката партија, испрати соопштение со кое порача дека СДСМ ако сака може да проверува и над еден милион лица, но со истите тие ќе се соочи на изборите на 5 јуни.
Државната изборна комисија на седницата во саботата утврди дека 100.440 лица кои ги има во избирачкиот список, ќе бидат проверени на терен од страна на тимовите на Комисијата.
Камен на сопнување беа 124.057 лица, кои ги има само во базите на податоци на МВР. За нив, според тоа што е досега утврдено, нема да се врши ниту теренска, ниту административна проверка. За оваа одлука двајцата претставници на СДСМ не гласаа.
Владејачката парија преку соопштение порача дека поддржува секаква одлука на ДИК која ќе е донесена во согласност со Уставот, законите и меѓународните стандарди
– Без разлика дали ДИК ќе одлучи да провери 35.000, 70.000, 100.000, 200.000, 500.000 или сите гласачи, СДСМ ќе ги изгуби следните избори, заради тоа што право на глас во Република Македонија имаат сите нејзини граѓани и тоа не може да им биде одземено. ВМРО-ДПМНЕ денес соопшти и останува на ставот да даде целосна поддршка за проверка на колку сакаат граѓани, ако ценат дека треба да се проверат и сите над два милиони жители ние немаме никаков проблем со тоа и тоа ќе го поддржиме, стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласуваат од партијата, ќе ја поддржи секоја одлука на мнозинството на ДИК, а во насока на транспарентно и темелно проверување на избирачкиот список.
– За да не се стекне погрешен впечаток дека има било какво влијание врз одлуките на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги прифати сите можни одлуки што ДИК во поглед на проверката на Избирачкиот список ќе ги донесе. Доколку е неопходно нашите два члена не мора ниту да присуствуваат или да го користат своето право на глас во комисијата по однос на оваа точка, стои во соопштението.