Дел од најмоќните и највлијателни македонски политичари во одредена точка од нивното дејствување завршија во судница поради нивна поврзаност со одредени кривични дела. Последниот пример за тоа беше оној со поранешниот премиер Никола Груевски, кој беше осуден на затворска казна од две години за предмет воден од поранешното СЈО, насловен „Тенк“. Судско процесирање за предмети во кои беа самите инволвирани имаа и поранешните премиери Владо Бучковски и Зоран Заев.

Првиот за предметот поврзан со тенковските делови (но Врховниот суд ги поништи пресудите на пониските судски инстанци на повеќегодишниот судски спор воден против него).

Што се однесува до актуелниот лидер на СДСМ Зоран Заев, по пресудата за случајот „Глобал“, поврзан со изградбата на трговски центар во Струмица во 2006 година, тој беше аболиран од поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Сепак, рака на срце, ова е некаков индикатор што покажува какви-такви напори на правосудниот систем да постапува неселективно во рамките на Уставот и законите, без разлика каква судска завршница имале споровите. Можеби политичарите ќе реплицираат со флоскулата „политичка мотивираност на постапките на судството“, но правниците сепак ќе инсистираат дека принципот на легализам е единствениот мотив на споменатите, а и многу други процесирања.

Но како и да е, она што јавноста ја остава со низа прашалници е како за лидерите на најголемите политички партии од македонскиот кампус се подигаат обвинителни акти и се процесираат случаи за дела за кои јавноста во голем дел е запознаена, а од друга страна за лидерите на албанските политички партии за кои исто така има основи на сомневање за сторени кривични дела, априори се прогледува „низ прсти“?!

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека повеќе опции се во игра. Според него, во таквиот контекст и повеќе чинители, односно фактори очигледно битно влијаат. Тој смета дека за да се даде попрецизен одговор на прашањето зошто, на пример, Али Ахмети никогаш не беше цел на судски процес воден против него, треба да се земат предвид три фактори.

– Првиот фактор е дека овој човек можеби не сторил никакво кривично дело! Вториот фактор е дека можеби сето тоа е резултат на негово политичко влијание врз судовите. Последниот фактор е дека врз овие состојби силно влијаеле и влијаат меѓунарoдните поддржувачи на дејствувањето на Ахмети – вели Илиев.

Истата состојба е и со политичарите од соседството, каде што очигледно се гонат само оние што веќе не уживаат поддршка од меѓународните покровители, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Политиколгот Синиша Пекевски, пак, гласно размислува искажувајќи една смела претпоставка дека главната причина зошто всушност Ахмети никогаш не го стигна „судбината“ на Заев, Груевски и на Бучковски е дека „неговиот глас бил одлучувачки за формирање на сите можни стабилни влади во земјата“ (!?).

Ахмети има потенцијал да „тргува“ со влијание, односно дека тој има акумулирано голем капацитет за политичка инфлуенција во општеството.

Пекевски потсетува дека Ахмети се гонеше за предметите поврзани со Хашките случаи за воени злосторства, но со Законот за амнестија државата го ослободи од одговорност, а сето тоа беше сторено во името на релаксирање на националните мултиетнички тензии.

Дали тука повторно политиката го совлада и го надвладеа правото? Или меѓународниот фактор сугерираше такво нешто заради „мир во македонската куќа“.

Можеби двете заедно, но во секој случај единствен е заклучокот дека за функционална држава и за неселективна правда не треба да постојат „заштитени мечки“. Токму тоа е и констатацијата што милуваше да ја истакне и Али Ахмети во неговата најнова изјава кога ја доби поканата од Хаг. 

(Нова Македонија)