Обединетите нации се организација која со своето основање после Втората светска војна навистина ги промени меѓународните односи.

Сепак, како и секоја голема и повеќедецениска организација, така и ОН, на 70 години од своето постоење се забележува дека има проблем да одговори на современите предизвици.

Тоа се должи на неколку фактори од кои главно се издвојува остарената структура која ја ограничува да се бори со новите закани како што се еболата и терористичките организации кои контролираат области кај државите-членки.

Тие со децении укажуваат на неопходноста од промени, но засега нема согласност за тоа бидејќи влијае факторот на спротивставените интереси.

На 70-тата годишнина на ОН в година, организацијата е исправена пред пет главни проблеми.

Застарена структура на управување

Истите пет држави-победнички од Втората светска војна се главните играчи од 1945 година па досега: САД, Русија, Велика Британија, Франција и Кина.

Тие се единствените постојани членки на Советот за безбедност, кои ја држат власта. Секоја има право на вето, што прави целосна парализа во светот по важните кризи како што се Сирија и Украина.

Критичарите велат дека Советот едноставно не ги одразува реалностите на денешниот свет. При создавањето на ОН, членуваа 51 држава. Сега се 193, од кои повеќето сакаат да имаат поголемо влијание. Сите членки се претставени на Генералното собрание, но тој орган може да донесува само необврзувачки резолуции.

Често спомнувани држави кои го заслужуваат местото на постојани членки во Советот за безбедност се Германија, Јапонија, Индија, Јужна Африка, Нигерија и Бразил. Но, нема знаци дека „петте големи” имаат намера да се откажат од дел од власта или да ја споделат со уште држави.

Тромава организација

ОН се претвори во тромав систем со 15 автономни агенции, 11 полуавтономни
фондови и програми и редица други органи. Не постои централа која ќе ги надгледува. Генералниот секретар Бан Ки-мун може да се обиде да ги координира нивните дејности, но не располага со власт над поголемиот дел од нив.

Врв на тромавата структура неодамна беше обвинението дека Светската здравствена организација задоцни со објавата за епидемија на ебола. Директорите во одделни африкански држави се под регионалниот директор за Африка, а не на централата на СЗО во Женева. А директорот на СЗО во Женева не му е потчинет на генералниот секретар во Њујорк.

Се повеќе барања

ОН всушност непрекинато бара од државите-членки да придонесуваат со војници за мировни операции, кои во моментов се 16. Бројот на миротворци се зголеми на рекордни 130 илјади. За споредба, на крајот на Студената војна тие беа 11 илјади, што го изложува системот на сериозни тешкотии.

Повеќе од 100 миротворци загинаа годинава, а десетици беа земени како заложници. Бегалското население низ светот се зголеми како последица на се подолгиот список на хуманитарни кризи.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци се обидува да им помогне на повеќе од 51 милион луѓе кои биле принудени да ги напуштат домовите и да се раселат во сопствените држави или надвор од нив. Тоа е најголемата бројка откако ОН започна да собира податоци на почетокот на 50-тите години од минатиот век.

Службата на ОН за хуманитарни прашања се справува со рекордните четири големи кризи во Африка и на Блискиот Исток, како и со еболата.

Несигурно финансирање

Собирањето на пари е постојан проблем при толку многу кризи и го привлекува вниманието на светот. Многу агенции и хуманитарни организации на ОН се финансирани на доброволна основа, но приливите не носат доволно средства. Во Сирија, Програмата на ОН за храна во септември објави дека ќе ги скрати порциите за четири милиони раселени лица поради недостиг од средства.

Сите 193 земји-членки придонесуваат во општиот буџет на ОН и во одделниот буџет за миротворни операции, но некои од нив постојано ескивираат. На почетокот на ноември дел од членовите должеа речиси 3,5 милијарди долари за општиот буџет и за миротворните операции.

Политички пазарења

Зад кулисите се водат најразлични пазарења за високите позиции во Секретаријатот и агенциите на ОН, а да не зборуваме за местата во клучните органи, како што се Советот за човековите права или Советот за безбедност.

Секоја држава припаѓа кон регионална група која лобира што подобро да биде претставена, а често се слушаат критики дека оние кои ги добиваат позициите не се најквалификувани за тоа.