Фернандо Алонсо се погрижи пензионирањето на Михаел Шумахер да не помине само во искажување на суперлативи за успесите на возачот на Ферари, туку и за неговите гревови кои се акумулираа во текот на неговата 15-годишна кариера.
– Тој е најказнуваниот и најнеспортскиот возач во историјата на Формула 1. И покрај ударот со глава, Зинедин Зидан замина на повисоко ниво,- изјави Алонсо за дневниот спортски весник Марка. Сепак, тој имаше и убави зборови за Германецот. Тој беше најуспешниот возач во спортот, па натреварувањето против него беше чест за мене.
Во официјалното соопштение за јавноста од Рено, Алонсо очекува Формула 1 да биде поспортска по неговото пернзионирање.
– Некои луѓе нема да бидат среќни што си оди, бидејќи нема да имаат за кого да навиваат. Ќе изгубиме голем шампион кој ги подобри сите рекорди. Но, мислам дека потоа Формула 1 ќе се фокусира да стане поспортска.
Истовремено, Шпанецот тврди дека никогаш не бил помотивиран да победи, во што апсолутно верува.
– На последните три трки болидот на Рено беше подеднакво брз како и Ферари, а некогаш и побрз. На претстојното тестирање во Херез нема да возам бидејќи на тренинзите во петокот го потчукнав коленото, но иако возев со повредата, сакам да заздравам најдобро возможно. Сакав да бидам таму, бидејќи ќе имаме нови гуми и нови делови на моторот, што ја прави оваа седмица мошне напорна и важна. Болидот се подобрува, но иако ни ги забранија амортизерите, повторно сме конкурентни. Тоа се докажа кога од 10 место стигнавме до трето. И тимот и јас сме 100% сигурни.. Не, не 110% сме сигурни дека ќе успееме да ја освоиме титулата.