Владата нема стратегија за развој на земјоделството и земјава се соочува со невидена стагнација, која ќе ги доведе земјоделците до работ на својата егзистенција, обвини вчера опозициската СДСМ. Партијата изразува длабока загриженост за катастрофалната состојбата во земјоделството, која според СДСМ, е резултат на индолентниот однос на Владата на Никола Груевски и луѓето кои раководат со ресорното министерство.

-Во сите земјоделско-сточарски региони интересот за субвенции кај производителите, во споредба со лани, е повеќекратно намален. Во Струмица лани субвенции побарале 4.000 земјоделци, а годинава тоа го направиле само 1000 – велат од партијата.

Од СДСМ обвинуваат дека е катастрофална состојбата и со користењето на парите од европските претпристапни фондови ИПАРД бидејќи Министерството за земјоделство ги обвинувало земјоделците за неинформираност, наместо да ги обучува.

-Сведоци сме на понижувањето на тутунарите кои се редат пред филијалите на Тутунска Банка за да ги добијат оние мизерни 15 денари премија, што е половина од она им го определи претходната Влада, а само една четвртина од оние 60 денари кои ги ветуваше ВМРО-ДПМНЕ во предизборието – велат од партијата.