Северна Македонија се наоѓа на 67 место од вкупно 117 држави според меѓународното истражување на Индексот за отвореност на буџет (Open budget index – OBI), соопшти Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Истражувањето и оценката за отворен буџет е независно, компаративно истражување коешто е базирано на факти и користи меѓународно признаени критериуми за оценка на јавниот пристап за информации поврзани со државниот буџет, можностите за пристап во процесот за креирање на националниот буџет и улогата на институциите коишто треба да вршат контрола врз буџетското трошење како што е легислативата и ревизијата во буџетскиот процес.

Оценката за транспарентен буџет за Македонија е 41 (од 100) – каде што 100 означува задоволителна транспарентост а 0 означува незадоволителна транспарентност.
Во однос на земјите од регионот Македонија има за една нијанса подобра оценка (41) од Србија (40), и од Босна и Херцеговина (33). Најдобро рангирана земја е Бугарија со оценка 71, додека Хрватска и Словенија имаат оценка од 68, а Албанија 55.

Во однос на оценката за транспарентност во споредба со изминатите години, Македонија имала највисока оценка за транспарентен буџет во 2010 година со 49 (од 100), а најниска оценка во 2012 и 2015 година – 35 (од 100), додека во 2017 година оценката изнесувала 37.

Во однос на вклучувањето на јавноста во креирање на националниот буџет Македонија има оценка 0 (од 100) за јавната вклученост со што се наоѓа на најниското место во регионот, додека Србија има оценка 2 за јавната вклученост, Босна и Херцеговина и Албанија (7), Словенија (11), Хрватска (22), Бугарија (26) со што има највисока оценка од останатите.

За да може да се зајакне јавната вклученост во процесот на креирање на буџет, се препорачува Министерството за финансии   да ги приоритизира следните ставки: Да воспостави механизам за да ја вклучи јавноста во креирање на буџетот и мониторирањето на спроведување на буџетот, активно да ги вклучи ранливите групи директно или преку граѓански организации коишто ги претставуваат.

Исто така, Собранието на Македонија да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за донесување на буџет пред неговото официјално одобрување, да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за ревизорскиот извештај.

Државниот ревизор на Македонија треба да создаде формален механизам со којшто ќе и овозможи на јавноста да биде вклучена во создавањето на ревизорската програма и да допринесе во ревизорските истраги, се додава во соопштението.

извор: Makfax