Здружението „Пријатели на животните“ го осуди убиството на 17 милиони куни во Данска поради појава на мутирана форма на коронавирус на фармите и изрази надеж дека одгледувањето животни заради крзно ќе биде забрането во сите земји на Европската Унија.

„Немојте да ги убивате животните поради коронавирусот, забранете го нивното одгледување!“, велат од здружението откако данските власти наредиле убиство на куни за да се спречи ширењето на мутантниот вирус во други држави.

„Мутираната форма на коронавирус не предизвикува потешка форма на Ковид-19, но се прошири од животни на луѓе и се стравува дека може да ја намали ефикасноста на идните вакцини“, наведува здружението „Пријатели на животните“.

Тие веруваат дека оваа голема опасност за луѓето, поврзана со размножување животни за крзно, ќе го забрза процесот на законски забрани за размножување во сите земји членки на Европската Унија, но и во другите делови на светот. На тој начин, посочуваат тие, би се запрело безмилосното убивање животни и ќе се спречи загадувањето на животната средина, непотребното трошење на природни ресурси и појавата на нови пандемии.

извор: Makfax