Здравствените пакети под “тепих”?
Министерствата за здравство и за труд и социјална политика најавуваа воведување на т.н. гарантиран здравствен пакет, кој ќе им следува на сите граѓани, без разлика дали се пријавуваат во Агенцијата за вработување или не. Со тоа се планира(ше) од списоците на невработени да се избришат меѓу 50 и 100 илјади лица кои според направените анализи “бараат работа” само заради сини картони и бесплатна здравствена заштита.
Според нашите сознанија, со овој концепт требаше да се дефинираат два, а во оптек беа и три различни пакети на здравствени услуги. На тој начин ќе се редефинираа преобемните права, кои во моментов во целост паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување. Меѓутоа, темата веќе подолго време е под “тепих”, а дали тоа е поради непопуларноста на ваквите, во суштина рестриктивни мерки, или нешто друго никој не кажува. Во Министерството за здравство едноставно не може да се добие официјална изјава за и околу најавените новини, освен дека на “тоа се работи”. Според нашите сознанија, до Министерството за здравство е предложен нов пакет услуги од страна на Фондот, но оттаму нема повратен одговор. Со концептот, со гарантираниот пакет на сите граѓани е предвидено да им следува примарната здравствена заштита (со лековите), лекувањето по програми, како и интервенциите во случај на животна опасност. На вториот, или како што го нарекуваат оптималниот (сличен како актуелниот во кој нема никакви ограничувања) ќе имаат право само оние кои редовно си го плаќаат придонесот за здравство. Со доплата од 500 до 600 денари, беше предвидено, лицата на кои им следува гарантираниот државен пакет здравствени услуги, да можат да го добијат оној поголемиот.
За професорите зголемување од 30 отсто
Министерот за здравство Владо Димов на вчерашната седница на Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет и официјално ја најавил корекцијата на платите. Математиките се комплицирани, меѓутоа, најголемо зголемување на платите и тоа од околу 30 отсто ќе имаат редовните професори. Процентот на корекција ќе паѓа со наставното звање, а лекарите специјалисти би можеле да очекуваат корекција од 20-тина отсто.
Пановски: Клинички доби поголем буџет
“Буџетот на Клиничкиот центар за наредната година е определен во јуни. Дефиниран е врз основа на акционен на Владата и е усогласен со препораките на Светската банка и ММФ. Буџетот е утврден врз база на потрошените средства од претходните две години. Буџетите на другите болнички институции се дефинираа врз основа на просек од три години. Меѓутоа, за Клиничкиот центар е направен исклучок и тоа на инсистирање на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување пред се поради карактерот на оваа институција. Така, наместо 2.7 милијарди денари, Клиничкиот центар за 2006 година доби буџет од три милијарди денари, иако на тоа се противставија претставниците на Министерството за финансии. Факт е дека математиките за Буџетот на Клинички центар се правени врз основа на она што е потрошено, а не на она што било барано. Меѓутоа, обврзани сме да не ги зголемуваме долговите, односно да трошиме онолку колку што можеме да обезбедиме средства. Тоа е условот со кој сме врзани преку другите заеми во преговорите со меѓународните финансиски институции.
Ристе НЕДАНОВСКИ