И покрај тоа што во првиот квартал од 2011 година инфлацијата е зголемена и достигнува 4,1 процент, наспроти 2,5%, како што беше проектирано во јануари, Народната банка на Република Македонија нема да презема дополнителни мерки за намалување. Ова го соопшти вчера гувернерот на НБРМ во заминување, Петар Гошев, притоа оценувајќи ги макроекономската слика меѓу двете проекции јануари – април 2011 година и економските движења во земјава. Тој нагласи дека се очекува во втората половина од годинава инфлацијата да го забави своето темпо.
Инфлацијата, смета Гошев, се должи на растот на цените на храната и на регулираните енергенси.
– Следењето на инфлацијата е основна задача на централната банка и доколу биде проценето дека сегашните движења на цените не се од краткорочна природа, тогаш НБРМ сигурно ќе преземе соодветни мерки – нагласува Гошев.

Тој е дециден и вели дека нема потреба од засилување на монетарната политика.
– Иако остварената инфлација во однос на проектираната од 3 проценти е поголема и на годишно ниво се очекува да достигне од 4,5 до 5 %, сепак, се уште нема доволно јасни аргументи за да пристапиме кон промена на монетарната политика – смета Гошев и додава дека, и покрај се, се задржува каматната стапка на благајничките записи на непроменето ниво од 4%. Тој појаснува дека следните движења на економијата и движењата на главните детерминанти на домашната инфлација, односно порастот на цените на храната и енергенсите, ќе покажат дали и кога би следело евентуално затегање на монетарната политика. Гувернерот укажува дека стапката на базичната инфлација и проекцијата годинава ќе изнесува околу 1,5%.

Гувернерот информираше дека во првиот квартал од 2011 година забележан е раст на БДП од 5,1%, што се должи главно на засилената инвестициска потрошувачка.
Дел од макроекономската слика во овој период е и дополнително кумулирање на девизни резерви, незначителена корекција на паричната маса, помалку од проектираната во јануари и растот на кредитите во рамките на проектираното, како и зголемување на проектираниот дефицит на тековната сметка на платниот биланс од -4,5% на -6,1% од бруто-домашниот производ.
Според Гошев се заджува проектираното ниво на девизните резерви 1.908 милиони евра, со што генерално остануваат оценките за поволноста на амбиентот за водење на монетарната политика во текот на годинава.

НБРМ во проекциите вклучува и податок дека годинава ќе има раст на економската активност од 3%. Но, гувернерот укажува дека динамиката на девизниот пазар останува стабилна, а нивото на девизните резерви е со зголемен капацитет за евентуална одбрана на девизниот курс. (В.Ма.)

Од НБРМ Гошев заминува на 21 мај
За петнаесетина дена новиот гувернер на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, ќе седне во гувернерскиот кабинет. Како што дознаваме, примопредавањето на гувернерската палка ќе се случи на 21 мај, кога гувернерот во заминување, Петар Гошев, ќе го напушти гувернерскиот кабинет по седум години успешно извршување на функцијата прв човек на монетарната власт во земјава. Богов, велат наши извори, официјално ќе започне да го троши седумгодишниот мандат од 23 мај. Како што дознаваме, не е предвидено ова примопредавање да биде проследено со некоја помпезна свеченост, туку само со размена на честитки за новиот и благодарност за досегашниот гувернер. (В.М.Б.)