Во илјада деветстотини шеесет и првата година Јуриј Гагарин одлета во вселената, а јас тргнав на училиште. Летот на првиот човек во вселената бил долго подготвуван, зад Гагарин стоел тим стручњаци. Моето поаѓање на училише падна врз грбот на мајка ми. Татко ми беше на службен пат во Белград. Сенка го стопли бојлерот и ме стави во кадата. Се слушаше како плаче додека со кујнски сапун ми го триеше грбот. Ја прашав:
“Сенка, зошто плачеш? Дали ти утре мораш да одиш на училиште или јас?”
Бришејќи ги солзите, мајка ми ми одговори:
– Не плачам, жал ми е, сине, од утре почнува нов живот!
Не разбрав зошто мајка ми плаче, но работите за новиот живот веќе следното утро ми станаа појасни…
Чекорев кон училиштето и гледав во камените скали кои изгледаа како да се под вода. Глетката личеше на интермецо од Телевизија Сараево, во режија на Јан Беран, со музика на Воин Комадина. Јас се повеќе се чувствував како нуркач, отколку како ученик кој за првпат чекори кон училиштето. Знаев дека изгледам смешно. Ми пречеа долгите ракави од црната работна облека. Ги виткав да ми бидат покуси, а тие, поради мазниот материјал, се враќаа на вистинската должина. Патот до училиштето траеше долго како вечност, иако беше на триста чекори од нашиот едноиполсобен стан. Мислев дека Гагарин побрзо стасал во вселената, отколку јас во основното училиште Хасан Кикиќ”.
Првиот школски час го чекавме во училишниот двор. Еден црвенокос главуч, од повисоките класови, не предупреди нас новите ученици на опасноста што не очекува од локалните силеџии. Тој во училиштето беше познат по тоа што трипати го повторуваше трето одделение. Во неговото напредување запна на толкувањето на зборот разлика. Кога го прашаа каква е разликата меѓу кокошка и крава, одговори:
– Знам што е кокошка, позната ми е и кравата, ама не знам што значи разлика!
Ми беше сосема блиска намерата на овој глупак да ги штити учениците. Единствено не можев да разберам зошто за возврат да му ја даваме ужината! Црвенокосиот ја испружи раката, очекувајќи да му ги дадам парите за ужината:
– Ти, главучу, тебе ти се обраќам, зошто се правиш на удрен?
– Јас? – навистина се правев луд.
– Види се колкава ти е главата! На бумбарот би му требало годишен одмор за да направи круг околу неа!
Сите ученици се смееја, а јас црвенокосиот го турнав во варта што мајсторите ја мешаа за обновување на училишната фасада и избегав во училиштето.
Се ѕверев наоколу не престанувајќи да мислам како секој момент ќе наиде црвенокосиот. Во тој момент чув женски глас, кој стравот ми го претвори во треперење. Наеднаш се личеше на бајка.
– Татко ми е полковник во контраразузнавачката служба на Војската на Југославија.
Од татко ми имав слушнато што е разузнавачка, знаев и што е војна, но никако не ми одеше во главата што е контраразузнавачка служба. Бев глупав, како оној силеџијата чија жртва можев да станам секоја секунда.
– Пред да биде прекомандуван во Сараево, татко ми го чуваше кучето на Тито.
– Колку кучиња има Тито?
– Не знам. Татко ми никогаш не зборува за работата. Вечерва ќе ме чека пред училиште, видов што се случи. Загрозена ти е безбедноста, па ако сакаш, можеш со нас да одиш дома.
Ова ново, непознато чувство ме удираше како и светлината кога мајка ми ме будеше за на училиште. Тогаш уште ми се спиеше, а јас и покрај тоа, шашливиот поглед го претворав во насмевка. Рано сфатив дека човек треба да се разбуди како што доликува. Мислам дека подобро е да си буден, отколку да не си. И оваа Снежана личеше на тоа будење. Чувството кое ми се јавуваше во нејзината близина, посилно делуваше од стравот дека секој момент може да наиде главучот.
Стоев во редот за кифли, а учениците зад мене негодуваа. Да го исвиркаат ги натера момчето кое слушаше како му чука срцето, а гледаше само во две големи црни очи и руса долга коса. Имаше златна коса, на мајка и Словенка, која со брзина на молња фаќаше кривини. Постарите момчиња од улицата случајот на мајка и на Снежана го земаа како инспирација за создавање на љубовни теории.
– Сите жени кои одат брзо подобри се во кревет, од оние кои одат полека.
– Тоа е чиста глупост, жените кои се бавни во животот, брзи се во креветот!
– Како брзината да биде важен квалитет, техника, буразеру, тоа се бара! – теоретизираше третата струја на горичките лежилебовци.
Овие дискусии беа доведувани до усвитување. Често, противставените струи едвај ја избегнуваа тепачката околу важните прашања врзани за сексот. Јас прво што сфатив е дека тешко е да се опише разликата меѓу двете теории. Не можев да претпоставам зошто некој би бил брз во креветот, а бавен во одењето? Мене тоа ме потсетуваше како на бавен од на тигар, кој прво со шепата ја соборува жртвата, па потоа ја јаде. Само што овде не беше во прашање јадењето. Поради тоа би можело да се сфати дека сум на страната на теоретичарите на љубовната техника, кои заговараат бавен од пред креветот. А не беше така. Никогаш не ми беше јасно зошто навивам за ФК Сараево, а не за Жељо. Зборот секс звучеше слично како кекс, лесно се памтеше, ама не ми беше јасно неговото значење. Со похотност гледаа во мајка и на Снежана, свиркаа по неа, ама и се плашеа од татко и. Штом мангупите ќе видеа дека овој офицер се враќа дома од работа, бегаа да се сокријат по влезовите. Кога овој Црногорец двометраш поминуваше по уличката Јабучица Авдо, изгледаше како само што излегол од ТВ дневникот во кој гази по аеродромската писта пред стројот на војници кои очекуваат, во секој момент, да се појави другарот Тито. Додека го посматрав како поминува покрај алиштата закачени на јаже заврзано помеѓу нашата зграда и багремот на крајот од дворот, ми се чинеше дека ако кивне, сите лисја од багремот би испопаѓале и есента би дошла предвреме. Толку беше силен овој татко на Снежана.
Одењето на училиште сега беше побрзо од патувањето на Гагарин во вселената. По нагорницата трчав кко куршум, со нетрпение чекав да го слушнам школското ѕвонче што го најавува моментот кога ќе ја видам Снежана. Затоа она околу брзината беше променливо: брзината на Гагарин ја применував на патот до училиштето, а се враќав како успорен филм. Татко и на Снежана ме држеше за рака, имаше веѓи како настрешници исплетени од жици на тенекиените покриви што ги имаа сиромашните куќи во Горица. За да не се види колку се срамам, јас почнав да ги бројам чекорите. Така и го криев погледот од татко и на Снежана. Кога ќе го подигнев погледот, ми се чинеше дека ми се јавува од врвот на Јатовиот облакодер на улицата Васо Мискин”, толку беше висок!
– Тебе, малечок, никој не смее да те допре! – рече, а јас немо се насмевнав и сакав патот до дома да трае подолго од Гагариновиот пат до вселената.
Снежана учеше на вториот кат во Ид, така што ја гледав само на големиот одмор. На малите одмори учителката не не пушташе да излеземе во ходникот. Тоа што не ја гледав колку што сакав, го надополнував во мислите, ноќе, кога не можев да спијам и кога срцето му тупаше и на самата помисла на Снежана.
Мајка ми се секираше за мојата незаинтересираност за учење на предметите, па редовно одеше на родителски состаноци. За да не ја срами пред другите жени, учителката разговорот со неа го оставаше за крај.
– Не знам што да Ви кажам, другарке Сенка – говореше Ремац Славица.
– Полесно ќе ми беше да е глупав. Вака, треба да сториме се за да му го разбудиме интересирањето.
– Ни јас, сестро, не знам што да правам, сама не можам, а татко му има избувлив карактер. Нервите ги изгубил во партизани, така што подобро е да молчам.
На татко ми му се случуваше да го продолжи службениот пат и да дојде дома подоцна од што планираше, па после тоа се приспособуваше на условите на животот во семејството. Сенка, тогаш, му кажуваше важни работи, па и оваа, дека не сум баш добар ученик. Тој велеше:
– Ќе се поправи, пред него е животот – и продолжуваше да спие за да ги надомести непроспиените ноќи.

ВЕЧЕР пренесува дел од најголемиот бестселер во Србија, испечатен во првични 30.000 примероци. Во делото “Смртта е непроверена гласина” е опишан животот на најпознатиот режисер на Балканот, од првите школски денови до втората Златна палма во Кан. Новото провокативно дело на Емир Кустурица може да го најдете во книжарницата на издавачот “ТРИ” во ГТЦ

ПОДГОТВИЛ: Де.Т
ПРОДОЛЖУВА: Секоја вечер одев да ја бакнам Снежана