Од 30 овој месец, минута разговор од македонски оператор со овие три балкански земји треба да се наплаќа 14,76 денари, СМС-пораката да чини 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,6 денари.

Ова е второ поевтинување на меѓународната комуникација преку мобилен телефон од лани ова време, кога почна да се применува договорот меѓу четирите држави потпишан во Будва, со кој операторите се сложија во годините што следат по примерот на Европската Унија скалесто да ги намалуваат цените.

Се покажа дека таквото поевтинување носи големо олеснување за граѓаните. Пред првиот пад на цените, во јуни лани, македонските телеком-оператори минутата разговор во роаминг ја наплатува од 80 до 150 денари, а цената на СМС-пораките беше од 16 до 20 денари. По ланското поевтинување, до крајот на овој месец се во примена пониски цени, па за минута појдовен повик се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС-порака се испраќа за 5,5 денари, а мегабајт интернет чини 43 денари.

Цените што ќе почнат да се применуваат на 30 овој месец ќе важат до 1 јули 2017 година, кога е следното поевтинување. Договорено е тогаш цената за минута разговор да се спушти до 11,6 денари, на СМС-пораката до 3,7 денари, а на мегабајт интернет до 12,3 денари.

Засега скалестиот пад на цените на роамингот важи само за овие четири земји, но договроот што го потпишаа нивните регулаторни телекомуникациски тела е отворен, па кон него можат да пристапат и други балкански држави, што би значело поевтинување на роамингот и со други земји.

Меѓу земјите на Европската Унија, пак, во 2017 година роамингот ќе се укине. И таму цените паѓаат скалесто, така што со последното намалување на 30 април годинава жителите на европското семејство го добија најевтиниот роаминг во историјата.

До 14 јуни 2017 година, до кога ќе трае транзицискиот период до целосното укинување на роамингот во ЕУ, телекомуникациските компании на земјите можат да нудат услуги за мала дополнителна цена над цените на домашните малопродажни пазари. Операторите, исто така, можат да наплатат дополнителни 5 евроценти по минута разговор, 2 цента за текстуална порака (СМС) и 5 центи за мегабајт податоци.

(С.Ву.)