За Јана и Ана би пеел и на “Златно славејче”
Животот на Миле Кузмановски, нашиот познат фолк пејач и на неговата сопруга Вера, од корен се измени кога на свет дојдоа неговите две близначки Јана и Ана, кои неодамна наполнија една година. Иако сега има многу повеќе обврски и грижи и мора многу повеќе да работи, зашто треба да се грижи за четиричлено семејство, а згора на тоа често не може да спие ноќе поради плачењето на девојчињата, Миле е категоричен дека децата за него се најголема среќа, огромно задоволство што не може да се спореди со ниедна фестивалска победа. А да потсетиме, освен бројните фестивалски победи, Миле е добитник и на бројни награди, меѓу кои и Златен алтан и Фолк пејач на годината. Но сепак, проширувањето на семејството за него, впрочем како и за сите луѓе, е нешто посебно, неповторливо. -Моментот кога ми се родија близначките и чувството што го имав тогаш, не може да се спореди со ништо на светот. Тоа е нешто што секој човек го посакува. Иако во животот многупати сум имал причини да се чувствувам горд, сум добивал многу награди и признанија, чувството дека оставаш поколение, некој кој ќе те наследи е најголемо, најсвето. Тоа за мене е и мотив плус уште повеќе да работам. А Јана и Ана се близначки, кои имаат една година и четири месеци. Значи веќе одат, почнуваат и да зборуваат и веќе не се бебиња, туку слатки девојчиња. Знаат да кажат мама, баба а тато го викаат “папо”?! Зад нив е и крштевката и прославата на првиот роденден. Во семејната куќа на Миле, во населбата Драчево, во Скопје, се е сменето и прилагодено на нивните потреби. -Животот целосно ни се смени. Не паметиме веќе како е да легнеш и да се одмориш, да се наспиеш, но сите тие се слатки маки. Но јас не го чувствувам толку тоа, зашто често не сум дома. Поголеми жртви се моите родители, кои живеат на катот над нас и мојата сопруга. Кога сум дома, јас го крадам времето и сакам постојано да сум со Јана и Ана. Тие, иако се близначки не се толку тешки за чување, не се плачки. Но кога сака едната нешто, тогаш сака и другата, ако спие едната, тогаш и другата ќе заспие, но ако среде ноќ едната почне да плаче, е тогаш за секудна се јавува и другата. А што се однесува до музиката е тука нема промашување и двете многу ја сакаат. – Кога ќе ја слушнат мојата песна “Се што побарав од тебе господе” веднаш ја препознаваат и играат на неа. А сега најмногу ги сакаат песните од “Златно славејче”. Бидејќи гледам дека навистина уживаат во овие детски рефрени, ако треба и јас ќе снимам нешто во тој стил, зошто да не! А ако во животот и тие имаат желба да се занимаваат со музика ќе им дозволам. Нека прават се што ќе посакаат, само со мерка. Иако се близначки, Јана и Ана сепак не се идентични, но си личат, па слободно може да се каже дека Ана е на тато Миле, а Јана на мама. Близначките се многу друштвени, сакаат луѓе, а бидејќи се први внучиња на дедо и баба, по малку се и галени , но не премногу. На пример, самите си ги собираат играчките, а ако малку претераат тато Миле со својот силен глас, знае и да викне, иако вели дека потоа му е жал, но ред во куќата мора да има. А кога го запрашавме Миле каков родител сака да биде, на кој начин да ги воспитува децата, еве што ни одговори:. -Сакам да ги воспитувам онака како што ме воспитуваа мене, патријархално. Но денес можеби тоа не е вистинскиот избор. Ова време е бескомпромисно, сурово, но јас нема да можам да ги учам поинаку, отколку да ги почитуваат сите околу себе и да не прават никому лошо. Денес нема сентименталност, но девојчињата сигурно ќе бидат на мене и на мајка им, а во меѓувреме се надевам дека и во нашата земја работите ќе тргнат на подобро , па Јана и Ана ќе имаат убаво, безгрижно дество. А најубав дел од денот на Миле му е кога се буди заедно со ќерките: -Тогаш се мили, мирни, не се нервозни и сакаат да се гушкаат, да се галат. А ако земам една, веднаш и другата крева раце, па речиси секогаш и двете ми се во прегратка. А се разбира тука е и мама Вера. Инаку близначките сакаат многу да се шетаат, да се капат, да си играат. Сега се во период кога се ги интересира, па како мали “термити” мораат да се запознаат со се што е во куќата. Играчки тато носи од секаде, а бидејќи често патува, значи чести се и подароците, кои брзо се густираат, но веднаш доаѓаат нови и нови. Мама Вера за Миле како татко вели дека е едноставно фантастичен: -Миле е многу нежен, внимателен татко, многу сака да ги гали, да си игра со децата. Многу ми помага, кога може. Инаку сите овие напори и обврски, воопшто не се тешки. Девојчињата се добри и уживаме во секој миг поминат со нив. Откако пред два-три месеци тргнав на работа (негувателка во дневен престој на основно училиште) малку е потешко, зашто сум на работа до 16 часот, но тука се свекрвата и свекорот кои навистина уште од самото раѓање, многу ми помагаат во грижата за девојчињата. Сепак се се заборава кога на куќниот праг ќе слушнам весело врескање, знак на радост дека мама си дошла дома. Инаку по двете ангелчиња што им го разубавија домот тато Миле и мама Вера Кузмановски, немаат ништо против да имаат уште едно дете. Ако даде Господ, велат, добредојдено е, зашто децата се најголемото богатство.
Марија Т. Анастасовска
Фото:Дарко Андоновски