За четири години 1.000 долари повеќе по глава на жител
Конкурентноста на нашата економија забележала напредок на полето на макроекономската стабилност, додека кај другите фактори, или не се јавува подобрување, или се јавува намалување на конкурентноста. Подобрување на технолошката подготвеност, високото образование и обука, како и ефикасност на пазарите на стоки, труд и финансиските пазари, се основните сфери на кои треба да се делува во јавниот, приватниот и државниот сектор, за да се подобри конкурентноста на националната економија. Во изминатава година најголемо намалување има во полето на технолошката подготвеност на македонските компании. Ова беше кажано на презентацијата на Национален извештај за конкурентност на Македонија, како резултат на работењето на Националниот совет за претприемништво и конкурентност.
Во наредните 4 години, приоритет во работата на Националниот совет “е Македонија да биде земја од сегашниот ранг во групата економии во фаза заснована врз фактори, односно од држава со БДП по глава на жител од 2.000 долари, во групата на економии во фазата заснована врз ефикасност, односно да биде држава со БДП по глава на жител меѓу 3.000 и 9.000 долари”.
“Со своите досегашни активности Националниот совет се потврди како совршена рамка за дијалог меѓу јавниот сектор, приватниот сектор и граѓанскиот сектор за дискусија околу, можеби, централното прашање за иднината на Македонија, конкурентноста на македонската економија во се побрзиот, поизврзаниот и посуров свет на глобализацијата”. Ова го истакна премиерот Владо Бучковски која најави изнаоѓање модалитети за канализирање на заклучоците на Националниот совет низ институциите на Владата на Република Македонија. Повеќе од очигледно е дека самата магнитуда на предизвиците за подигнување на нивото на конкурентноста ги надминува рамките на владините институции во Република Македонија. Националниот извештај на конкуретност ќе и помогне на Владата на Република Македонија во реализацијата и евалуацијата на нејзината економска програмата”, рече Бучковски. Реализацијата на препораките на Националниот совет ќе биде предизвик за Владата на Република Македонија и еден од реперите за мерење на ефикасноста и ефективноста на македонската администрација.