Министерот и заменик-министерот за земјоделство, Љупчо Димовски и Зоран Коњановски, побараа од претставниците на винскиот сектор во наредните денови да се интензивира соработката со лозаропроизводителите, во насока на организирана берба и организиран откуп, со постигнување на технолошката зрелост на секоја сорта на винско грозје. Во дискусијата од претставниците на винскиот сектор беше потенцирано дека е прифатливо барањето на лозаропроизводителите за дефинирање на откупната цена согласно шеќерните единици на секоја сорта винско грозје, врз основа на различната технолошката зрелост на секоја сорта.
– Од винскиот сектор изразија подготвеност откупната цена за смедеревката со 17 шеќерни единици да изнесува 11 денари, а за вранецот со 19 шеќерни единици да изнесува 13 денари, со можност за прогресија на цената согласно шеќерните единици – велат од Министерството за земјоделство од каде најавија дека заеднички тимови од Државниот инспекторат за земјоделство, Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат, од оваа недела до крајот на откупната сезона ќе бидат присутни на откупните пунктови за винско грозје.