За слепо црево – четири недели боледување
Правилникот со кој се “врамува” времетраењето на боледувањата е веќе подготвен од експертскиот тим, а неговото влегување во сила чека согласност од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување и потпис од министерот за здравство. Со него е зацртана должината на боледувањето( матичниот лекар дава само до седум дена) да биде врзана со дијагнозата и сродните здравствени проблеми, но оваа рамка може да се “пробие” со издржана документација во случај на компликации, специфични услови на работното место, како и некои други фактори…
Според последната верзија на овој докумнет, по операција на слепо црево ќе следува боледување од четири недели, за вирусна жолтица – најмалку три месеци, а во случај на грип ќе можат да се одлежат од седум до 14 денови, а за бронхопневмонија – еден месец. Основната рамка за боледување при потрес на мозокот е една недела по завршувањето на хоспитализацијата, а пак за шинување на зглобовите или истегнување на лигаментите на коленото, перидот за имобилизација е од 3 до 4 недели на кои треба да се “врзат” и два месеца рехабилитација. Времетрањето на боледувањето за најтешките дијагнози прво се позиционира на 10 месеци, по што се прави процена на состојбата на пациентот. За определени болести од областа на психијатријата, но и некои други медицински гранки, нема “ограничувања” за должината на боледувањата и тоа зависи од стручното мислење на лекарите за секој пациент одделно.
Ваквите “рамки” ја претставуваат т.н. основна или “апсолутна спреченост за работа”. Таа може да се “пробие” по барање на специјалист, а покрај неа со правилникот е зацртана и т.н. “релативна спреченост за работа” со која времетраењето на боледувањата може да се продолжи, пред се, поради разни специфичности на работното место на пациентот.
Правилникот е работен по теркот што веќе се применува во повеќе држави ( најблиска ни е Хрватска), а во него се наведени и “дијагностичкиот минимум” како и потребните “дополнителни прегледи” за потврдување, односно за верификација на дијагнозата за која се дава боледувањето.
Овој документ се очекува многу да ги олесни дилемите на лекарите, работата на лекарските комисии кои ја вршат проценкта, но и да ја олесни контролата на Фондот за здравствено осигурување кој во последниве неколку години се соочува со масовна злоупотреба, пред се, со породилните боледувања.
За правилникот мислење е побарано и од еснафските лекарски асоцијации, а главниот збор во неговото подготвување го имаа експертите од областа на медицината на трудот.
Ристе НЕДАНОВСКИ