За само три месеци годинава, македонските граѓани депонирале дури 54 милиони евра во банките со што вкупните заштеди на крајот на март годинава достигнаа 996 милиони евра. Во Фондот за осигурување на депозити велат дека заштедите на граѓаните особено растат во април и октомври кога државата ги исплаќа ратите по основ на старите девизни штедни влогови.
“Дел од граѓаните кои имаат “заробени” девизи, парите од ратата и од каматата ги оставаат во банките на книшка, со што практично старата заштеда станува нова”, вели Јорде Крагуевски, директор на Фондот за осигурување на депозити. Во споредба со месец март лани, вкупната заштеда на граѓаните во банките пораснала за дури 22 проценти. Поголемиот дел од заштедите во банките се орочени – 32,3 милиони денари. Крагуевски вели дека штедачите и понатаму се одлучуваат да штедат во девизи. Па така од вкупната заштеда од 60,94 милиони денари (996 милиони евра), дури 41 милион денари се во странска валута, додека во денари се околу 19,9 милиони денари.
Со сегашната состојба, заштедата во банките го надмина до сега највисокото ниво од 31 декември 2002, кога за промена на марките во евра, граѓаните практично преку ноќ на штедни книшки ставија 41,8 милијарди денари или 686 милиони евра. Се проценува дека она што останало “под перница” е само 20 проценти од тоа што граѓаните го чуваат во банка. Од 1997 година до воведувањето на еврото штедењето во банките под притисок на скандалот со заробените девизи бележеше ниско ниво од околу осум милијарди денари. По скокот на заштедите на крајот на 2001 година, веќе во јануари следната година нивото на влоговите во банките се намали за околу 10 милијарди денари. Надолен тренд штедењето бележеше до крајот на 2002 година, за потоа, се до денес да задржи минимален, но постојан пораст. За илустрација за само шест месеци од минатата година во споредба со крајот на 2004 заштедите се зголемија за дури 100 милиони евра. Или за неполна година и пол граѓаните во банките депонирале вкупно 223 милиони евра.