Владата го стокми пакетот за идните родилки. Еден месец пред породувањето, шест месеци породилно и пет месеци детски додаток е предлогот со кој Владата ќе влезе во преговорите со синдикатот и работодавачите при изготвувањето на новиот Закон за работни односи. Ова го дознава “Вечер” од владини извори кои потенцираат дека во игра, ако овој предлог не се прифати, останува и сегашното решение, според кое на идните мајки им следува еден месец предпородилно и осум месеци по раѓањето на бебето. Ваквиот предлог на Владата уследи откако работодавците со нивниот предлог предизвикаа голем револт во јавноста. Како што е познато, Сојузот на стопанските комори во етер исфрли предлог со кој на идните мајки би им следувало три месеци платено породолно, потоа до девет месеци работа со скратено работно време, при што дел од надоместокот би го плаќала државата, а остатокот работодавецот и да имаат еден месец пред породување. Веднаш по ова реагираше Синдикатот, според кој, породилното треба да изнесува најмалку една година, а за второ и трето дете – 18 месеци. Во поглед на другите прашања кои се отворени во врска со работничките права, Владата, како што дознаваме, за склучување на договор за работа на определено време предлага (по сугестија на Светската банка) тоа да биде до четири години, а што се однесува до траење на работното време смета дека нема обврска за негово дефинирање, согласно со конвенциите на МОТ. Сепак, е подготвена да прифати исплата на 13-та плата на работникот кој ќе одработи над определениот број работни часови. Владата во стокмениот предлог не прифаќа воведување на бруто-плата, но затоа е согласна надоместоците, што ги обезбедуваат фирмите во вид на хранарина и превоз, да влезат во основицата за пресметување на платата. Во однос на важењето на колективните договори, пак, таа е на став тие да важат за оние што ги потпишале, а за другите не, со тоа што нивоата на овие договори нема да се менуваат.


Светлана БЛАЖЕВСКА