Околу 830 вработени во ЈП”Македонски железници” кои согласно претстојната трансформација ќе бидат прогласени за технолошки вишок, ќе добијат еднократен надоместок (испратнина) во висина на едномесечна плата на работникот за секои три години работен стаж, а најмногу осум плати. Отпреминините и дефинирањето на таканаречените меки мерки што предвидуваат преквалификација и слично е социјалниот пакет што Владата во моментов може да го понуди, а при неговото изготвување се земени предвид и препораките на Светската банка и на странските експерти, истакна на вчерашната прес-конференција заминик министерот за транспорт и врски, Дејан Кошутиќ. Според него, барањето на независните синдикати во МЖ за социјален пакет тежок 7.000 евра е неостварливо поради тешката економска ситуација во земјава, а и бараниот износ не бил поткрепен со ниту една студија која тоа би го оправдала. Кошутиќ напомена дека Владата на завчерашната седница формирала Управен комитет (ја заменува работната група која ја веќе две години “работи” на процесот на трансформација), кој во наредниот период ќе биде одговорен за реформите во ова јавно претријатие кое подолго време работи со загуби. Комитетот ќе го предводи заменик претседателот на Владата одговорен за економскиот систем, Минчо Јорданов, како и замениците министри од министерствата за транспорт и врски, за финансии, за труд и социјала и за животна средина и просторно планирање. ”Управниот комитет итно треба да одржи средба со менаџментот на МЖ и ќе побара да се изврши контрола на списоците за технолошки вишок за да се види по кои критериуми е извршено бодирањето, истакна Кошутиќ, а со цел да се избегнат сите можности за манипулација со тие списоци како што неодамна обвинија синдикатите”. Владата го задолжила Министерството за транспорт најдоцна до 24 овој месец да и го достави нацрт-текстот на предлог законот за железници кој е практично условот за отпочнување на процесот на трансформацијата на МЖ на два дела – транспорт, кој ќе се приватизира и инфраструктура, што ќе остане во државна сопственост. Потоа новиот закон за железници по итна постапка ќе треба да се донесе во Парламентот, но најдоцна до јули годинава, односно, пред одржувањето на редовното собрание на Бордот на директори на Светската банка која за транспортниот сектор во земјава, за оваа година предвиде 15 милиони долари.


Светлана БЛАЖЕВСКА