Централен депозитар за хартии од вредност е единствена специјализирана институција во РМ која врши упис на новоиздадените хартии од вредност и ги евидентира сите други промени кои се однесуваат на издадените хартии од вредност, притоа применувајќи домашни и меѓународни стандарди. Депозитарот во секој момент располага со детални податоци и со ажурна состојба на сопственоста на хартии од вредност и затоа на барање на акционерското друштво може да овозможи брзо трансферирање, односно исплата на дивидендата на акционерите.

Како што објасни Елена Јакимовска Петровска, извршен директор на Централен депозитар за хартии од вредност на Македонија, бенефитот е обостран и за компаниите и за акционерите.
Според неа, бенефитот на компаниите од користењето на услугата на депозитарот за пресметка и исплата на дивидендата на акционерите и пресметката и плаќањето на данокот кон УЈП на РМ е во неговиот капацитет во извршувањето на овие услуги и сеопфатноста на услугата што ја спроведуваме, притоа гарантирајќи високо ниво на доверливост и прецизност која на крај треба да ефектуира со задоволни акционери на акционерското друштво.

-Бенефит на оваа постапка има и за акционерите и друштвото. Акционерите ја добиваат дивидендата во моментот кога согласно одлуката на собранието на акционерите ќе биде одреден како прв ден за исплата на дивиденда – вели Јакимовска Петровска и дополнува дека бенефитот за акционерското друштво е што исплатата на дивидендата бара многу операции и примена на голем број прописи и целосно разбирање на правата што ги носат хартиите од вредност.

Акционерските друштва не мора да ги знае сите овие прописи кои се многу специфични и кои подразбираат дополнителна активност од нивното редовно работење.

-Во рамките на услугата за акционерските друштва се овозможува продуктивно да се фокусираат во своето работење и својата примарна дејност, односно да се занимаваат со дејноста од која ја генерираат добивката и да не ги трошат ресурсите на компанијата за вакви специфични и комплексни активности кои се случуваат еднаш годишно. Исто така друштвата заштедуваат и на софтвер оти се работи за скапи софтвери кои треба да бидат произведени со цел да се спроведуваат операции за исплата на акционери во акционерски друштва каде имаат повеќе од 1.000 акционери. Се работи за посебни процеси кои се спроведуваат, а депозитарот располага со софтвер со кои може да изврши пресметки и има експерти за преземање на сите потребни активности – информира Јакимовска – Петровска.

Таа потенцираше дека акционерите добиваат навремена услуга, комплетна информација за тоа каде да ја достават банковната сметка за исплата, добиваат информација што треба да направат за да ги остварат своите права, а на крајот добиваат и навремена исплата на дивиденда.
Јакимовска – Петровска ги предупреди акционерите кои сметаат дека не им се комплетирани податоците да достават ажурни податоци до депозитарот за нивните банковни сметки, а остатокот заедно со исплатата е работа на Депозитарот.

-Компанијата сама одлучува дали ќе пристапи кон ваква исплата на Депозитарот за да не се дефокусираат од соствената дејност оти можат да бидат попродуктивни во генерирањето на нови добивки – вели Јакимовска – Петровска.

Со тоа направен е пионерски чекор и потпишан е договор за исплата на дивиденда со една компанија.

-Централниот депозитар за хартии од вредност за првпат посредува во пресметка и исплата на дивиденда на 1.400 акционери од компанијата ОКТА – кажа Јакимовска – Петровска по официјалното потпишување на договорот и нагласи дека и е задоволство компанијата да ги препозна овие квалитети на Депозитарот и се надева дека и други компании ќе го следат нивниот пример.

Во 2015 година компанијата ОКТА оствари подобрени резултати и профитабилност споредено со претходните години. За првпат од основањето на компанијата, на акционерите на ОКТА ќе им биде доделена дивиденда. Според Јанис Героланос, главен извршен директор на ОКТА, резултатот од позитивниот раст на компанијата е дивидендата што ќе ја добијат акционерите.

-Се одлучивме да одиме преку Централниот депозитар за хартии од вредност затоа што поседува технички, персонален и институционален капацитет за извршување на овој вид трансакција за исплата на дивиденда на брз и ефикасен начин. Извршувањето на овој процес преку оваа институција има бенефити и за акционерите, но и за нас како акционерско друштво – смета Героланос.

Депозитарот е единствена специјализирана институција во Република Македонија која врши упис на новоиздадените хартии од вредност и ги евидентира сите други промени кои се однесуваат на издадените хартии од вредност, притоа применувајќи бројни домашни и меѓународни стандарди. Депозитарот располага со податоци со ажурирана состојба на сопственоста на хартиите од вредност во секој момент. Токму тоа и овозможува брзо и ефикасно трансферирање на дивидендата.

(В.Ма.)