Скопска Топлификација ќе се жали до Врховниот суд бидејќи собраниската второстепена Комисија го одби барањето парното греење да поскапи за 26 проценти. Собраниска комисија завчера го одбила како неосновано барањето на Топлификација да се зголеми цената на парното греење бидејќи компанијата остварила поголема добивка. Одлуката на Комисијата е конечна поради што директорот на Топлификација, Димитар Хаџимишев најавува дека ќе ја тужи Регулаторната комисија за енергетика за претрпената штета. Компанијата неодамна се жалеше на последната одлука на Регулаторната комисија од 27 март годинава, кога се одобри корекција на цената на парното греење од само 2,03 проценти. Од Топлификација се жалат дека во првите три месеци од годинава компанијата претрпела загуби од 4,78 милиони евра оти не им било дозволено да ја поскапат топлиниската енергија. “Загубите се резултат на нереалната цена на парното греење. Компанијата со години работеше рентабилно, но сега остваруваме загуби поради кои е загрозено работењето”, вели Хаџимишев. Според него, Регулаторната комисија погрешно ги пресметала неопходните количества мазут што Топлификација ги троши при испораката на топлинската енергија. “Не се пресметани ниту трошоците за превоз и за промет односно трговската маржа. Неправилно е утврдено дека во 2003 и 2004 година компанијата остварила добивка во износ од 215 милиони денари”, реагира директорот Хаџимишев. Во образложението на Собраниската комисија стои дека е правилна методологијата која Регулаторната комисија ја користела пред да ја донесе одлуката парното греење да поскапи за 2,03 проценти.


Валентина МАРЈАНОВИЌ