За поранешните вработени – 25 отсто
Јавното станбено претпријатие и стечајниот управник на НИП “Нова Македонија” вчера го потпишаа купопродажниот договор за големата зграда на НИП-от. Со тоа, конечно, се реализира трансакцијата вредна 6,66 милиони евра за колку што Јавното станбено претпријатие ја доби четиринасеткатната зграда. Како што изјави за “Вечер”, стечајниот управник, Ангелина Гогушевска, примопредавањето на зградата се очекува во втората половина на идниот месец. Практично, Јавното станбено претпријатие вчера уплати 230 милиони денари, или 3,8 милиони евра што уште денеска ќе им бидат распределени на поранешните вработени на НИП-от и на некои доверители. Остатокот од парите, односно 2,2 милиони евра ќе бидат реализирани во првата половина од идниот месец. Станува збор за државни институции – УЈП и пензискиот фонд со кои државата ќе изврши пребивање на долговите, вели Гогушевска.
Поради реализираната трансакција, стечајната управничка најави авансна исплата на 25 отсто од поединечните побарувања на секој од доверителите. Во Скопје исплатата на поранешните вработени ќе се врши во сите експозитури на “Тутунска банка” во градот, додека оние надвор од Скопје парите ќе можат да ги подигнат во експозитурите на Банката. За колпортерите и хонорарните соработници, исплатата ќе се врши во готово на благајната на НИП “Нова Македонија” АД во стечај.
Светлана БЛАЖЕВСКА