Владата бара да и биде исплатена поголема дивиденда од 42,2 милиони евра колку што првично беа договорени во разговорите на првиот човек на “Матав”, Елек Штрауб со премиерот Бучковски доколку Унгарците сакаат да бидат средени односите меѓу Телеком и Владата, се дознава од компетентни извори од преговарачкиот тим. Тие велат дека тоа што се уште не е донесена одлука околу поделбата на дивидендата и што првата транша од парите се уште не е легната во буџетот, длабоко ги навредила и изиритирала во Владата, особено што висината на дивидендата била најавена на највисоко ниво, односно во разговори со премиерот. Истовремено, покрај дивидендата (се спомнуваат 50 милиони евра), Владата ќе инсистира да се исполни и преземената обврска во следните три години да се вработат 250 млади високостручни кадри. Иако преговорите оделе доста тешко, се најавува дека до крајот на идната недела ќе било решено прашањето и се смета дека “новите” услови ќе биле прифатени бидејќи на ниту една компанија не и одговара да биде “скарана” со Владата, особено што таа е и акционер во истата. “Македонски телекомуникации” во завршната сметка имаат утврдено дека по основ на дивиденда Владата треба да добие 9 милиони евра. Меѓутоа, добро упатени извори тврдат дека компанијата има фонд од околу 200 милиони евра кои се нераспределена и непотрошена добивка од изминативе четири години, од кои може колку сака да искористи за делба. Првиот човек на “Матав”, Елек Штрауб вчера беше во Скопје на средба со менаџерите во “Телеком”. Тој можеше да се види како заедно со извршниот директор на “Македонски телекомуникации”, Атила Сендреи со чадор во рака шета низ плоштадот “Македонија”. Во неговата официјална агенда не беше предвидена повторна средба со премиерот Бучковски.


Зденка ПАВКОВИЌ