Новиот предводник на италијанскиот калчолигаш Торино, Синиша Михајловиќ, го привлече вниманието на фудбалската јавност со изјавата дека е мртов за него, неговиот сонародник, Никола Максимовиќ.

Централниот дефанзивец веќе со денови не тренира со првиот тим на Торино и одбива да настапува во италијанската Серија А, затоа што има абиција да ја промени клупската средина до крајот на летниот преоден рок.

Српскиот интернационалец со недели важи за голема желба на новиот предводник на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Антонио Конте, но италијанските медиуми открија дека сопственикот на Наполи, Аурелио де Лаурентис е подготвен да одвои околу 28 милиони евра за неговото обештетување.

За време на официјалната прес-конференција пред првенствениот натпревар против екипата на Болоња, Михајловиќ изјави дека Максимовиќ е мртов за него и додаде дека нема никаков контакт со 24-годишниот дефанзивец.

Искрено, не сум се слушнал со Максимовиќ, немам никаков контакт со фудбалерот. Ако јас се прашувам, тогаш ќе кажам дека Максимовиќ е мртов за мене. Тој нема да игра во мојот тим, изјави српскиот стручњак.

Михајловиќ важи за тренер кој нема влакно на јазикот. Додека беше предводник на Сампдорија имаше неколку физички и вербални конфликти со контроверзниот напаѓач, Антонио Касано, а пред неколку недели изјави дека сега веќе поранешниот сопственик на Милан, Силвио Берлускони, сакал истовремено да биде и тренер и дека често пати му се мешал во изборот на фудбалери.

Во првото коло од новата сезона во италијанската Серија А, тимот на Торино доживеа минимален пораз од 3:2 на гостувањето во Милано, а во 96 минута, гостинскиот напаѓач Белоти промашИ удар од белата точка.