Кошаркарите на Голден стејт го декласираа Сан Антонио во вториот меч од финалната серија во Западната конференција во НБА лигата, откако на домашен терен славеа со 136:100 и поведоа со 2:0. Ова е десетта победа за “воините” во исто толку натпревари оваа сезона во плејофот, со која стаа петтата екипа на која и тргнло од рака. Пред неа до десет 10:0 во плејоф серијата остварија екипите на Сан Антонио (2011/12), Кливленд (2015/16) и два пати Лејкерс (1988/89, 2000/01).

Тренерот на Голден стејт, Мајк Браун, беше задоволен од победата на своите избраници, но друга тема се дискутираше на прес конференцијата што воедно го стави резултатот од натпреварот во втор план. Имено, Браун доцнел за натпреварот во “Оракл” арената, бидејќи бил запрен од полициски службеници поради поминување на црвено. Тој со својот автомобил возел пред автобусот на “мамузите” заедно со синот Кем, кој е голем фан на тренерот на Сан Антонио, Грег Поповиќ.

Им кажав дека сум тренер на Голден стејт, покажувајќи го логото на својата маица, но нив тоа не ги интересираше. Почнаа да ми викаат: “Еј ти, застани”. Се уплашив и му се јавив Поповиќ кој слатко ми се изнасмеа, изјави Браун.

Поповиќ на вториот меч не можеше да смета на услугите на повредениот Каваи Ленард, а ако се знае дека Тони Паркер ја заврши сезоната, тогаш крајниот резултат и не е некое големо изненадување.

Се што се случуваше на теренот изгледаше прилично колективно. Како група се изневеривме самите себе. Не можам да кажам дека се беше различно и дека некои работи ги одработивме подобро во однос на претходниот меч. Како да дојдовме на одмор, а не на натпревар, изјави Поповиќ.

Најефикасен во победничкиот тим беше Стеф Кари со 29 поени, додека на спротивната страна Џоната Симонс постигна 22 коша.

Следниот натпревар ќе се одигра во недела во три часот по полноќ, а серијата се сели во Сан Антонио.