За да се отстранат сите сомнежи за пристрасност, по налог на Министерството за здравство лекот “месалазин” на “Реплек”, покрај во домашните лаборатории, ќе се испитува и во Англија, соопшти директорот на Бирото за лекови м-р Ромил Санџаковски на прес-конференцијата на која присуствуваше и проф. д-р Никола Лабачевски, претседател на Комисијата за регистрација и член на независната комисија формирана за случајот. На пат за Лондон, неофицијално е и министерот Владо Димов, ама никој во Министерството не можеше да каже каде е или, пак, да ја наведе причината за неговото отсуство од земјава. Вонредните анализи се прават по пријавите за несакните дејства од Клиниката за гастроенетрохепатологија.
Санџаковски тврди дека до конечното затворање на случајот “месалазинот” и натаму е со привремена пломба. “На производителот и по втор пат му е укажано дека лекот е повлечен”, потенцира тој. Според него, тоа е преземено поради писмо од “Реплек” (стасало и до Бирото) со кое се информира дека “по повеќекратни анализи, лекот “месалазин” даде одлични фармаколошки резултати, и поради тоа, привременото повлекување се повлече, и лекот е повторно во употреба”. Во писмото потпишано од првиот човек на “Реплек”, м-р Душко Туџаров е наведено и дека “лекот “месалазин” од 500 мг. не е повлечен од употреба”. Санџаковски објасни дека ингеренции за повлекување на лек или негово враќање на пазарот има само Бирото и тоа во целиот случај (повлечени се двете “јачини”) се придржувало кон законската постапка. Нејасно останува во која функција и по кој основ производителот доставува лекарски потписи во Бирото за квалитетот на “месалазинот”.
Постапката за регистрација на препаратот е целосно запазена, тврди д-р Лабачевски, кој ја објасни законската процедура. Тој нагласи дека за затворање на случајот треба да се комплетираат квалитативните и квантитативните анализите. Во пријавите е евидентирано дека станувало збор за “помала тераписка ефикасност на лекот”. Мострите испратени за Лондон се земени од магацините на “Реплек”, односно од повлечените препарати од аптеките. И министерот Димов, според неофицијалните информации е за Лондон. Тој вчера не беше на работа, а неговата шефица на кабинетот Гордана Мајнова изјави: Министерот е на службен пат, ама не знам каде.


Ристе НЕДАНОВСКИ