Златарите во државава, сега-засега се меѓу најповластените кога е во прашање фискализацијата. И додека државата им наложи на сите кафанџии, трговци, таксисти, па дури и на оние што продаваат на тезги на пазарите дека мора да се фискализираат и при продажбата на стоката треба да издаваат фискални сметки, за златарите тоа не важи! Апсурдно, но вистинито, иако на еден продавач на тезга на пазарите му требаат денови и недели да го спечали она што некој од златарите го заработува за пет минути. Промет кој, велат доброупатените, не се ни споредува. Фактичка состојба на теренот говори дека речиси ниту еден златар не издава фискална сметка, особено оние во чаршијата,туку како гаранција дека кај него е купено златото на граѓанинот му издаваат визит-карта! Исклучоци има но тоа се ретки случаи, додека повеќето работат на принципот, пари на рака- злато во рака и без фискална сметка, со што де факто го затајуваат данокот на државата. Ваквата состојба барем засега ја толерира Управата за јавни приходи, но, како што стојат работите прашање е на денот кога и тие ќе дојдат на дневен ред на даночниците и ќе мора да го одврзат “златарското” ќесе за да купат фискални апарати. Златарите, според УЈП, официјално влегуваат во категоријата на заштитени занаети коишто се во изумирање, па од тие причини, во моментов се ослободени од фискализацијата и со тоа на плаќањето на данокот. Меѓутоа, според Здружението на занаетчиите само филигранот е занает во изумирање и тој е “заштитен” од фискализацијата, но се плаќа паушален данок. Паушално се оданочуваат и старите занаети ковачи, казанџии, часовничари, метлари… Од Здружението велат дека дел од златарите се регистрани кај нив како занаетчии, додека другите во суд како трговски субјекти, кои според Законот треба да се фискализираат. Оние што се во своето здружение се регистрирани како занаетчии кои изработуваат предмети и накит од злато. Од УЈП велат дека, сепак, најголемиот дел од златарите се кријат зад овој параван, бидејќи воопшто не изработуваат предмети од злато, туку го набавуваат од странство и го продаваат со што практично се класични трговци. Управата најавува дека деновиве ќе имаат средба со менаџментот на занаетчиите и дека и златарите кои се само трговци со овој благороден метал, ќе мора да се стават во фискалната шема. Во спротивно и за нив ќе важат исти казни како и за сите други: дуќанџии, кафанџии, пазарџии…


Весна М.БОЖИНОВСКА