Вкупно 186 семејства од селото Могила, чија живина беше уништена поради страв од постоење на вирусот на птичјиот грип, ќе ги добијат ветените пари од државата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од вчера започна со распределба на 30.000 евра за обесштетување на населението во реонот на Могила, каде што беа уништените 5.606 кокошки и другата живина. Парите ќе бидат исплатени во текот на оваа и наредната недела.
Како што истакнуваат од ресорното министерство, исплатата се врши според пазарната вредност на живината. За уништените 4.878 кокошки ќе бидат исплатени по 250 денари, за 221 мисирки по 1.500 денари, обесштетувањето за 350 бисерки ќе изнесува по 350 денари, за 164 патки – по 350 денари, а за 47 гуски – 1.200 денари. Од Министерството велат дека живинарите од Могила можат веднаш да ги обноват своите фарми, бидејќи нови кокошки – јарки, не постари од 18 недели, можат да се набават по цената што им ја исплатува државата. (С. Бл.)