Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување пакуваат измени во Законот за здравствено осигурување, со кој како задолжителен услов за остварување на правото за исплата на боледување ќе биде воведен стаж од најмалку шест месеци. “Ние како лекари не можеме да бараме скратување на продилното отсуство, но со измените би требало да им ставиме рампа на злоупотребите кои се најголеми токму кај породилните боледување”, најави првиот фондовец Никола Пановски, посочувајќи дека на овој начин од касата на Фондот се извлечени над пет милиони евра. Според Пановски, од ваквиот услов ќе бидат изземени единствено боледувањето по основ на повреда на работното место, а ако не би биле злоупотеребите со кои два дена пред отворањето на боледувањето платата се “качува” и на над 120.000 денари, ќе има повеќе пари не само за поредовна исплата на надоместоците од правата за здравствено осигурување, туку и за подолги боледувања. Ваквото решение веќе беше содржано во првичната верзија на Законот за здравствено осигурување само за породилните боледувања (имаше и дополнителни неколку иницијативи), но таквиот услов единствено за “породилните” падна пред Уставниот суд со образложени дека сите осигурениците пред законот се исти. (Р.Н.)