Сукцесорите на финансискиот имот на некогашната СФРЈ, вчера, во Скопје ги почнаа дводневните преговори за поделбата на монетарното злато и девизните средства на Народната банка на Југославија, депонирани кај странски банки. На вчерашниот состанок, кој се одвиваше зад строго затворени врати, како што дознаваме постигната е согласност кај сите сукцесори за начинот на поделбата на 8,5 тони монетарно злато што некогашната држава го депонирала во “Банк франс” во Париз и во “Кредит свис” банката во Цирих, во вкупна вредност од околу 108 милиони долари (тековни цени), од кои Македонија добива 7,5 отсто. На вчерашната средба отворено е и прашањето за поделбата на депозитите што некогашната федерација ги имала депонирано во комерцијални банки во светот, а кои се проценуваат на околу 220 милиони долари, за што преговорите продолжуваат денеска. Инаку пред стартот на вчерашната рунда, Верољуб Дугалиќ, претставник на делегацијата од Србија и Црна Гора, изјави дека не се очекуваат проблеми во преговорите за поделбата на монетарното злато и девизните резерви. “Можен е само процедурален проблем бидејќи Швајцарија инсистира поделбата на златото да оди преку министерствата за надворешни работи и амбасадите на земјите-сукцесори. Но, ова е само “технички проблем”, изјави Дугалиќ. Конкретни резултати од овие преговори очекува и делегацијата од БиХ. Според гувернерот на Централната банка на Босна и Херцеговина, Кемал Козариќ, постигнат е висок степен на согласност по прашањата за поделбата на златото и девизните резерви. “Проблемот можеби ќе се појави на денешниот преговарачки ден кога ќе се отвори прашањето за поделба на депозитите на некогашната СФРЈ депонирани во мешовитите банки”, изјави Козариќ .


Весна М.БОЖИНОВСКА