Владата ќе формира посебен фонд за кредитирање на земјоделството бидејќи нема да ги прифати понудените услови на ИФАД 3 кредитната линија кои се премногу строги. Новиот кредитно-дисконтен фонд што ќе се формира на едно место ќе ги обедини парите од постојните кредитни линии за поддршка на земјоделството. Со окрупнувањето, Владата ќе располага со вкупно 13 милиони евра, средства што ќе бидат веднаш достапни за земјоделците. Кредитите ќе може да се користат под идентични услови под кои се користеа кредитните линии ИФАД 1 и 2 со единствена каматна стапка од максимални 6 проценти за примарното производство и 7 проценти за помалите фирми за преработка.

Ова беше договорено на отворената седница на Владата каде се реши со сервисирањето на кредитните линии да продолжи да раководи Министерството за земјоделство во координација со Министерството за финансии. – Кредитната линија – ИФАД 3 е поскапо решение. Со новиот фонд станува збор за обединување на средствата од преостанатите неискористени средства од кредитите на Светската банка, ПСДЛ 1, ПСДЛ 2 и револвинг средствата на ИФАД. Веднаш ќе можеме да стартуваме зашто постои увежбан тим кој ги сервисира кредитите – рече вицепремиерот Зоран Ставревски. Вицепремиерот Живко Јанкуловски вели дека кредитите од овој фонд ќе бидат поевтини зашто на ваков начин се избегнуваат административните трошоци кои ги пресметуваат банките.

– Со формирање на овој фонд и со обезбедување на земјоделски кредитни линии од странски банки за што има интерес, воведуваме конкуренција во кредитирањето на земјоделството. На овој начин индиректно им препорачуваме на банките да увидат дека треба да ги намалат каматните стапки и условите за добивање кредит за производителите – вели вицепремиерот Јанкуловски.

Неодамна и заменик-министерот за земјоделство, Перо Димшовски ги повика домашните банки да ја сфатат потребата од давање поволни кредити за земјоделците, особено кога тие ги бараат парите за отпочнување на производствен циклус или ако фармерот веќе докажал дека ги враќа редовно парите. Од идната година производителите преку Платежната агенција ќе може да ги користат и парите од претпристапните фондови на ЕУ од ИПАРД фондот. За тие средства ќе може да аплицираат само регистрираните земјоделци.

Андреја СЕРАФИМОВСКИ