Продажбата на дуќаните во Градскиот трговски центар во Скопје ќе стартува во вторник. Вака одлучи Бордот на директори на АД ГТЦ на вчерашната седница, на која беа дефинирани сите општи услови и правни акти за продажба на локалите во најстариот и најатрактивен скопски трговски центар со вкупна површина од 23.000 квадратни метри. Како што ни изјави директорот на АД ГТЦ, Милан Милошевски, на сите оние закупци на овој деловен простор, кои до 11 овој месец ги подмириле заостанатите долгови кон ГТЦ, ќе им биде испратено известување да ги подигнат понудите, бидејќи како досегашни закупувачи се стекнуваат со предност при купувањето и ќе можат да го искористат правото дуќанот да го купат со попуст од 10 отсто. -“На овие закупци ќе им биде даден рок од 15 дена да се изјаснат дали ќе го откупат локалот и ако го прифатат тоа, ќе треба да уплатат аванс во висина од 15 отсто од вкупната вредност на дуќанот. По потпишувањето на преддоговорот, ќе им биде оставен рок од 15 дена да ја доплатат целата сума. Оној деловен простор што нема да биде откупен во овие рокови, ќе биде понуден на офертална лицитација на која ќе можат со понуди да се јават други заинтересирани”, вели Милошевски. Иако закупците изминативе денови искажаа незадоволство од условите за продажба на дуќаните, сепак најавуваат дека ќе ги купат. Тоа го потврди и Милошевски, според кого, речиси сите закупци веќе ги подмириле долговите кон ГТЦ и очекува продажбата на деловниот простор да заврши успешно. Тој истакна дека вчера се направени мали корекции во веќе познатите цени на деловниот простор, што во зависност од големината на дуќаните, нивната местоположба и опременоста, беа утврдени да се движат од 250 до 3.650 евра. Цената на метар квадратен е најголема кај дуќаните на приземје, а на првиот кат се се движи од 2.200 евра за најнеатрактивните дуќани до 2.700 евра за квадрат деловен простор во внатрешноста на ГТЦ. На вториот кат дуќаните ќе се продаваат од 1.950 до 2.220 евра за квадрат, а подрумот се нуди за 1.450 евра. Остануваат за слободна продажба само 5.500 квадрати магацински простор проценет од 250 до 550 евра за метар квадратен. (С. Бл.)