Откако ВМРО-ДПМНЕ прифати се што побара меѓународната заедница, покажа конструктивност и отвореност за нови преговори и приближувања на ставовите, најголемата опозициска партија СДСМ и понатаму бега од договор и се обидува да ги уништи преговорите. Смена на министерот за внатрешни работи и на првиот човек во министерството за транспорт и врски, како и смена на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, план за нови реформи за европска интеграција се само дел од барањата што ги исполни владејачката партија со цел да се надмине политичката криза.

Во исто време, најголемата опозициска партија единствено што прави поставува услови и упорно со глава во ѕид, се обидува да ги избегне изборите договорени за напролет, за кои се договорија политичките лидери уште на средбата од 2 јуни.

Сосема е неочекувано и редок исклучок опозицијата да бега да се соочи со народот. Задача на опозицијата е да бара избори и да се бори со понуда, нешто што не го прави СДСМ, туку купува време и одолговлекува со нерални барања.
Зацементираните ставови со кои настапуваше СДСМ и на досегашните средби, а кои ги повтори и деновиве и во иднина не ветуваат надминување на политичката криза.
Истиот впечаток очигледно го има и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој одлучи да не дојде во Скопје за средбата на која што се очекуваше договор. Доколку има напредок, брифираат дипломатски извори, Хан до крајот на неделава повторно ќе ги повика лидерите.
Средбата која траеше до доцна вечерта беше договорена по разговорите на партиските лидери одржани на 19 јуни во Клубот на пратениците на кои присуствуваа и амбасадорите на ЕУ и на САД Аиво Орав и Џес Бејли, а на кои тие уште еднаш ја потврдија нивната целосна посветеност на договорот од 2 јуни постигнат со посредство на евокомесарот за преговори за проширување и европска соседска политика, Јоханес Хан. Според договорот од 2 јуни, опозицијата во транзицискиот период од неколку месеци треба да се врати во Собранието, да се спроведат европските препораки, а државната изборна комисија да претрпи кадровски промени и да добие поголеми надлежности.
Владејачката партија беше подготвена за одредени отстапки, но како што потенцира премиерот, граѓаните се тие кои кажуваат кој ќе биде во Владата, а кој во опозиција. Според него, Заев е подготвен да направи се за да пропадне договорот од 2 јуни, а предвремени избори да нема.
– Не го интересира ни измени на законот за избори, ни странски набљудувачи, ни пречистување на гласачкиот список, ни ништо. Се тоа му е второстепено. Првостепено што го интересира што е тоа што ВМРО ДПМНЕ не може да го испорача, за да го побара јавно тоа, и тоа да му биде изговор за одложување на изборите. Затоа што кога во една прилика неодамна му понудив избори оваа есен, и тој ги одби, еден од присутните зачудено му се обрати и му кажа дека тој не видел досега ситуација власта да нуди, а опозицијата да одбива предвремени избори. По правило опозицијата е таа која ги бараа, или барем глуми дека ги бара, им порача истиот. Знаејќи дека ќе ги загуби тие избори, Заев бара и ќе бара нелогични работи за кои народот одлучува, а не тој. Тој тоа го знае, но тој всушност бара спас од изборите, после кои ќе треба да ја напушти политиката поразен и избркан од народот во Македонија. А истото ги чека оние дваесетина што се врткаат околу него кои статираат на неговите прес конференции, рече Груевски.

Во исто време, опозицијата и понатаму условуваше со барањето за техничка влада. За нив е нелогично да се преговара, доколку не се исполни тоа што тие го бараат. Велат, би разговарале за која било точка само ако премиерот Груевски и, како што велат, неговите соработници се повлечат од функциите.
Интегративците на Ахмети единствено беа оптимисти за средбата која се очекуваше да ја оконча кризата.
– Очекуваме успешен епилог согласно договорот од 2 јуни. Партиите да го стават интересот на граѓаните и државата пред партискиот и да покажат државнички капацитет во овој тежок период за државата, изјави за Вечер портпаролот на ДУИ, Бујар Османи пред почетокот на средбата.

На 2 јуни во Скопје беше одржан состанок на лидерско ниво по кој еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека на пат е постигнување договор за решавање на политичката криза во земјава. Меѓу другото, во документот се предвидува до крајот на април следната година да се одржат нови предвремени парламентарни избори, да се направат измени во изборниот законик и во избирачкиот список.

– Ние, лидерите на главните политички партии, се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2 јуни и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29 јуни. Ние, исто така го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на владеењето на правото кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани, беше наведено во заедничкото соопштение по средбата.

Владата на седница одржана на 23-ти јуни усвои План за нови реформи за европската интеграција фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата со конкретни мерки и рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат.