Од Партијата ДОМ реагираат дека во Велес во последниве години се исекоа поголем број дрвја и градот остана без зеленило. Не помогнаа ниту укажувањата на граѓаните дека секое исечено дрво за загадениот Велес значи живот. Општината вети дека покрај изградба на спортски терени на исечените ќе засади нови дрва. Меѓутоа, од сето тоа многу малку се оствари. На местото на повеќегодишни дрва во градскиот парк беше изградено фудбалско игралиште. Нови дрва не се засадија. На брегот на Вардар, на главната улица, пак, каде што беа уништени повеќе дрва, не се направи ништо.

За оваа појава во Велес деновиве реагираше партијата ДОМ од каде побараа за едно уништено да се засадат десет нови дрвца, гласно побараа од партијата.
Локалната самоуправа, во Велес, велат од ДОМ, во последниве години, многу брзо и лесно носеше одлуки за пренамена на зелени површини, а инспекциските служби задоцнето реагираат или воопшто ги немаше никаде.
– Како да заборавија дека на Велес му недостасува зеленилото. Како да заборавија дека последиците од отровите од тридецениското работење на Топилницата се уште се присутни и се уште ги чувствуваат велешани. Како да заборавија дека бројот на заболените од отровните олово, цинк, кадмиум се уште не е мал – велат од ДОМ.

Згора на сето ова, во Велес се јави градежна експанзија која пак, се почесто, со сечењето на дрвата, ја уништуваше животната средина. Токму затоа од ДОМ до општината порачуваат итна примена на Законот за заштита на зеленилото и формирање на нацрт план и зелен катастар. Велат дека со ова ќе се изврши целосен попис на градското зеленило, ќе се овозможат подобри услови за развој на еколошката слика во градот и превентивно дејствување на инспекциските служби.
Од ДОМ истакнаа дека ја поддржуваат и брзата реакција на велешките рибари кои алармираа за излевањето на големи мрсни дамки во Вардар. И тие очекуваат одговорните за еколошкиот инцидент да се откријат и санкционираат. За трајно решавање на овој проблем, како превентивна мерка, предлагаат изградба на пречистителни станици кој би ги опфатил отпадните води од десетина индустриски компании кои сега непречено ги испуштаат во реката Вардар.

(С.А.)