За два дена истекува рокот до кога треба да добиеме мандатар

На два дена до рокот за доверување на мандатот за состав на Владата, официјално нема договор меѓу партиите кои освоија најмногу пратенички места.
Од СДСМ тврдат дека Заев е мандатар и дека во тек се разговори за парламентарно мнозинство, а Мицкоски пак вели дека го известил Ахмети дека токму ВМРО-ДПМНЕ е победник во македонскиот блок. За неизвесноста да биде поголема, досегашниот собраниски спикер Талат Џафери тврди дека рокот за мандат почнува да тече откако ќе се избере претседател на Собрание и се уште не го испраќа дописот до претседателот на државата за конституиран Парламент, а пак шефот на државата Стево Пендаровски смирува дека рокот си тече и дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека лидерот на ДУИ Али Ахмети го информирал дека ДУИ почнува преговори со СДСМ, бидејќи тоа е партијата што победила во македонскиот блок. Тој не се согласил со ставот на Ахмети оти СДСМ победила во македонскиот блок, истакнувајќи дека партијата што убедливо победила кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ.