За “Газела”- трета мајка
Фабриката за чевли “Газела” во стечај не се продаде откако пропадна и вториот тендер. Одборот на доверители вчера го прогласи тендерот за неуспешен поради многу пониските понуди од заинтересираните купувачи во однос на нејзината проценета вредност од 20 милиони евра. Имено, “Современ дом” од Прилеп понуди 1,05 милиони евра за работната единица “Чевлара” и 419.000 евра за одделението “Гумара”, а вториот учесник – скопската “Техногума”, понуди 436.000 евра само за “Гумара”.
“Современ дом” и “Техногума” понудија да вратат на работа 130 поранешни вработени во “Гумара” и 800 во “Чевлара”. Оваа понуда, како и понудата за дополнителните инвестиции се добри, но цените што се понудија за недвижниот имот се многу мали, така што Одборот на доверители одлучи фабриката да се понуди на продажба на повторен тендер што ќе биде распишан на 20-ти, наредниот месец, а заинтересираните купувачи ќе можат да ги достават понудите до 20 септември”, изјави стечајниот управник, Зоран Стојанкиќ.
Синдикатот на работниците од “Газела” смета дека фабриката може да се продаде за поголема цена и со поголем број вработени. Претседателот на овој синдикат, Насо Димовски, потсети дека веќе подолго време ниту една од надлежните институции не кажува на која сметка се средствата што НАТО ги исплати за користење на просториите на “Газела” во износ од милион евра, а од кои треба да се наплатат дел од побарувањата на вработените. (С. Бл.)