Поштенска банка дефинитивно ќе се продаде на холандската ИНГ, а трансакцијата, веројатно, ќе се случи на почетокот на идната година. Како што дознаваме од банкарски извори, сите детали за влезот на Холанѓаните во оваа наша банка од завчера се завршени. Неофицијално се дознава дека токму пред два дена е потпишан и последниот документ, односно писмото за намери за евентуален влез на ИНГ во “Македонска пошта”, која во Поштенска поседува 33 отсто од капиталот, додека 66,67 отсто од акциите се во сопственост на “Еуростандард банка”, кои се предмет на продажба на Холанѓаните и за кои веќе, како што се дознава, е постигнат договор меѓу двете страни. Со ова писмо за намери, Холанѓаните обезбедуваат сигурна позиција во случај утре и “Македонска пошта” да се продава при што, дознаваме тие би се јавиле како првенствен купувач.
Прифатен е веќе и договорот меѓу Македонска пошта и Поштенска банка, со што веќе пречки за влез на овој реномиран холандски бренд во Македонија нема.
Деталите од договорот меѓу ИНГ и “Македонска пошта” се прецизираа при неодамнешната посета на првите луѓе на ова Јавно претпријатие на Холандија.
Се дознава дека претставниците на ИНГ во Македонија ќе пристигнат во втората половина на јануари, со цел да ја подготват документацијата за добивање согласност од Народната банка на Македонија за да ги купат акциите од “Еуростандард банка”, по што ќе дојде до потпишување на купопродажен договор.


Весна М. БОЖИНОВСКА