Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Драган Канатларовски, вчера, ги објави фудбалерите за квалификацискиот меч со Андора (9 февруари – Скопје). Наместо најавуваниот поширок список, сепак, тој се одлучи на 19-мина, меѓу кои единствен новак-повратник е Роберт Попов од бугарски Литекс. Меѓи повиканите се: Голмани: Милошевски (Себатспор), Јовчев (Шкендија 79). Одбрана: Седлоски (Динамо З.), Ставревски (Дијарбакир), Васоски (Ајнтрахт Ф.), Божиновски (Камен И.), Новески (Мајнц). Среден ред: Игнатов (Работнички К.), Митрески (Грасхоперс), М. Крстев (Гронинген), Шакири (ВБА), Грозданоски (Омонија), Јанчевски (Вартекс), Р. Попов (Литекс), Лазаревски (Брегалница К). Напад: Бајевски (Ференцварош), Стојков (Фиделис Андрија), Пандев (Лацио) и Чадиковски (Зенит). Деталите околу собирот, тренинзите и сместувањето на репрезентативците, дополнително ќе бидат одредени. Планирано е подготовките да започнат на 6 или 7 февруари. “Нова година со стари должници, за кои немаме алтернатива освен победа. Во дуелот со Андора влегуваме како апсолутни фаворити, да се реваншираме за поразот во Андора Ла Вела”, вели селекторот Канатларовски, кој додава: “Единствено недостасуваат казнетите Шумуликоски и И. Митрески, повредениот Ќумбев, а поради нерешен клупски статус не се во комбинација и Јане Николоски, Трајанов, Стојановски и Наумоски”. Воедно Канатларовски најавува и подмладување на националниот тим на наредните средби, при што шанса би добиле Горан Попов, Тасевски, Ивановски, Илчо Наумоски… “Овој циклус ќе го искористиме, освен за поправање на пласманот од претходните циклуси, и за подмладување на националниот тим и пред се зголемување на конкуренцијата за секоја позиција”, вели Драган Канатларовски. (Б.Н.)