Вчера на адреса на Владата пристигна конечната верзија на писмото за намери со која холандската ИНГ уште еднаш потврдува дека е сериозно заинтересирана да ја купи Поштенска банка. Пред десетина дена Холанѓаните за време на престојот во Скопје лично на Владата и на Македонска пошта, која во Поштенска има 33 отсто од акциите ја предадоа првата верзија на писмото за намери, кое сега е целосно усогласено и подготвено за потпишување.
Дознаваме дека во директните преговори со Холанѓаните од 11 останале само две отворени прашања, кои според извори од Владата ќе бидат испеглани до крајот на неделава. Владата веќе го овласти министерот за финансии Никола Поповски да го потпише писмото за намери по што топката се префрла кај Еуростандард банка која е сопственик на 66,66 отсто од акциите на Поштенска кои се сега предмет на продажба. Дознаваме дека се планира писмото за намери да биде потпишано до средината на идната недела, по што веќе на 8 и 9 септември тимот на Еуростандард ќе замине за Амстердам каде ќе се преговара за цената на акциите.
Наши извори велат дека Холанѓаните сакаат да го купат мнозинскиот пакет акции, и дека се заинтересирани за големи вложувања во најмодерна технологија наспроти алтернативата парите да ги дадат за купување на новата зграда на Поштенска банка. Неофицијално се дознава дека тие и понудиле на Македонска пошта да вложат пари во осовременување на мрежата од 180 шалтери колку што има ова Јавно претпријатие низ Републикава, а за сметка на инвестициите таа постепено да го намалува процентуалното акционерско учество во Поштенска. Во текот на преговорите тие инсистирале да се продолжи договорот со Македонска пошта на барем пет години со кој Поштенска би ги користела непречено шалтерите на ова Јавно претпријатие како и да се прецизира провизијата што таа би ја наплаќала за оваа услуга.


Весна М. БОЖИНОВСКА