Претседателката на Либерално-демократката младина (ЛИДЕМ), Моника Зајкова бара од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, јавно да се извини и да ја избрише објавата на „Фејсбук“ во која новата министерка за финансии ја нарекува „Нина Групировка“.

„Излезе Заев со Нина Групировка за да си го претстави Ребалансот… Сега е јасно дека со финансии министерува Заев, а Нина е Џирло Девојка – презентерка за владините Светлечки Јојоа и Стомак елиминатори“, стои во статусот на Стоилковски.

Зајкова смета дека со вакви, како што вели, ниски изјави се врши директна дискриминација и се потценува вредноста на сите жени и девојки во Македонија.

„Не на груевистичкиот, шовинистички и крајно мизерен однос кон жените!! Доста е. Времето на понижување на жените помина!!!“, порачува таа во својата реакција.

Како претседателка на ЛИДЕМ, Зајкова апелира до Комисијата за заштита од дискриминација да ја осуди ваквата изјава на портпаролот Наум Стоилковски, како и да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторена повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

извор: Makfax