Зачин и лек
ЗАНИМЛИВОСТ Босилекот како симбол
Наклонетоста кон таа ароматична билка во Италија ја претворила во симбол на љубовта, па, според традицијата, садот со босилек оставен на моминскиот прозорец бил знак за нејзиното момче што значело дека го очекува. Слична приказна постои и во Романија, каде што момчето се сметало за верено ако прифатело гранче босилек.
ЗАНИМЛИВОСТ: Љубовна напивка
Босилекот, според пишувањата, се смета за средство кое го засилува половиот нагон, па од него се подготвува напивка за зајакнување на потенцијата. Што се ви е потребно да ја подготвите напивката: една чајна лажичка иситнет босилек се става во еден децилитар бело вино и се загрева додека виното не се запени. Кога малку ќе се излади се додава лажичка мед. Топлата напивка треба да се зема навечер, пред спиење. Наводно добриот успех, за кој ќе треба да бидете трпеливи и да не очекувате резултати уште истата вечер, е поради дејството врз доброто расположение. Затоа и чајот од босилек се препорачува на раздразливите или депресивните личности. Во народната медицина се користи и за спречување и отстранување на: депресија, надуеност, мачнини, астма, кашлица, за белодробни заболувања, а маслото ја смирува иритираната од убоди од инсекти кожа. Купките со листови босилек или екстракт се применуваат во козметиката за нега на дехидрираната и слаба кожа, како и за чистење на лишаите или исипување. Билка која никого не може да остави рамнодушен затоа што мирисот сам по себе е потполн и еден од оние поради кои, многу готвачи ќе сложат со ова, се добива идеја за оброк. Се работи за типична зачинска билка од медитеранското поднебје, позната по аромата и убавината на листовите со кои се обогатуваат многу јадења главно во приморската, но и источната кујна. Иако веќе со векови е вдомен во нашите краишта всушност по потекло е од Индија, а во Европа го донеле монасите во 12 век. Дека во старите времиња бил омилен зачин, потврдуваат и записите од Стариот Рим, според кои, босилекот за време на владеењето на Цезар се ценел и како додаток во јадењата и како украсна билка. Остатоци од овој зачин се најдени и во египетските гробници од времето пред 3500 години пред нашата ера. А дури и тогаш се знаело дека босилекот, освен како зачин е и мошне вредна и лековита билка. Едногодишна билка од фамилијата Ламиацеае осетлива на ниски температури, па затоа ретко успева во природата. Главно се одгледува култивирана, а во домаќинствата и во садови. Секој вистински готвач, кој знае да ја цени вредноста на свежиот босилек, ќе се потруди да си го обезбеди при рака. За оние кои никогаш не го одгледувале, еве начин како да се стори тоа бидејќи сега е вистинското време – внимавајте секогаш да биде на топло и сончево место, затоа што така ќе имате свежа зачинска тревка до зимата. Значи, семето на босилекот, што најдобро успева на пролет, посејте го во мешавина од земја и песок и обилно залијте го. Не треба да се прекрива со земја затоа што ‘рти на светлина. Се препорачува садот да се чува на сончево место каде што има барем пет часа дневно сонце и да се полева повеќе од останатите растенија. Исто така, не е добро да се изнесува надвор додека не се затопли убаво затоа што температурата под 14 Целзиусови степени, ќе го спречи растењето. Внимавајте и кога ќе дојдат првите летни дождови. Сместете го во затворена просторија, така ќе го заштитите од наглите температурни промени.
Листови за цела сезона
Има неколку видови босилек, и тоа од високи грмушки кои нарастуваат и до 60 см со зелени или црвенкасти листови до оние со мали листови, ниските сорти со висина од 25 см. Времето на цветање е од јули до септември, а со оглед на тоа што цветовите се розеникави и немаат голема употребна вредност како зачин, препорачливо е горните делови на кои растат да се потсечуваат за да се поттикне развојот на листовите. Листовите можат да се берат во текот на целата сезона на растењето. Свежо набраните листови не се препорачува термички да се обработуваат, туку се додаваат во јадењата пред сервирањето. Иако најсилна е аромата кога се свежи, листовите можат и да се сушат во китки на темно и проветрено место, а така подготвен босилекот може да се чува добро затворен затоа што е чувствителен на светлина и склон на ветреење. Во текот на целата година ќе имате свеж босилек ако го иситните и измешате со маслиново масло во паста што потоа ќе ја замрзнете во помали садови. Уште поедноставен начин е да ги замрзнете листовите во пластично ќесе.
Совет: Веројатно најдобро е ако целите листови ги ставите во широк сад со маслиново масло (може и сусамово или од кикиритки). Така, освен свеж босилек ќе имате и ароматизирано масло – идеално за зачинување салати во текот на целата година.
Употреба
Како вистинско гурманско доживување се употребува во салатите, разно-разните сосови, јадењата од свеж зеленчук, свежото кравјо сирење, сокот од домати, разните коктели, супи и тестенини, како и месото. Сушениот добро се согласува со говедско и овчо месо, сос од домати, супа од зеленчук. А со оглед на тоа дека ја отстранува надуеноста, добро е да се користи и за зачинување на гравот или јадењата од други мешункасти растенија.