Ќе треба да помине време за се избришат трагите од „перењето мозоци” од страна на поранешна Југославија дека постојат Македонци, истакна бугарската министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Бугарија е првата земја во светот која ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име. Сакам експлицитно да истакнам дека ставот на Бугарија бил исклучително принципиелен и непроменлив од сите Влади досега. По говорот на омраза од македонска страна поставивме услов да се постигне Договор за добрососедство за започнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Нашата примарна цел е да спречиме искривување на историските настани, а не да создаваме омраза меѓу двете земји, изјави Захариева на денешната пратеничка расправа, откако беше запрашана дали Бугарија е премногу мека во односите кон Македонија.

Според Захариева, непродуктивно е да се создава впечаток дека е променета политиката во врска со Македонија. Таа ја опиша како „тактичен потег” изјавата дека името „Северна Македонија” претставува опасност од територијални претензии кон Бугарија, за потоа да изјави дека името е прифатливо.

Министерката за надворешни работи рече и дека заедничката Комисија за историски прашања веќе имала три седници и се вршел притисок од македонска страна за одредени историски прашања, но и дека Бугарија нема никакви комплекси по ова прашање и дека луѓето треба да ја знаат вистината.

Бугарија требала да помисли на прифаќање на името на Македонија уште во 1992 година, доколку се сметало дека ова ќе е проблем. Но, мислам дека тоа не беше грешка, туку знак за добрососедски и пријателски однос. Треба да помине време за да се избришат трагите од „перењето на мозоците” од страна на бивша Југославија дека постојат Македонци, завршила Захариева.