Наталожени смоли-саѓи во нечист и неисправен оџачки канал кој имал конструктивни недостатоци се причината за пожарот во кој изгореа конаците на манастирот Трескавец стои во извештаите на вештите лица кои го вршеа увидот и ги доставија во прилепскиот Основен суд.
– Центарот на огнената стихија бил гостинската соба број 6 веднаш до манастирската камбанарија. Во таа просторија викендот имало гости, па најверојатно интензивно и прекумерно се ложела печката на дрва. Прво од саѓите и смолите се запалил подот, веднаш од таа пожарот се пренел во соседната просторија и за околу 20 минути се проширил секаде. Пожарот избувнал во 13 часот и за петнаесеттина минути се проширил со силен интензитет, изјави Жарко Велески, портпарол на прилепскиот суд. Огнот веднаш се прошири и ги зафати конаците на манастирот заради дрвената и лесно запалива конструкција а свој удел имал и ветрот.
– Тој дувал ветер од западен правец кој на височина од околу 1.300 метри бил многу посилен од измерените 28 километри на час во Прилеп и тоа придонело пожарот уште побрзо да ги зафати конаците, вели Велески.

Во извештајот на вештаците било потенцирано дека застарената електрична инсталација дефинитивно не е причина за пожарот, а било додадено и дека при реконструкцијата на конаците во 1990 година во објектот не се внимавало на заштита од евентуален пожар.
Од прилепскиот суд додаваат дека истрагата за пожарот не е затворена и дека останува на истражниот судија да одлучи дали доставените извештаи на вештаците се доволни или пак ќе побара дополнителни информации. Дури тогаш ќе може да се заклучи дали станува збор за несреќен случај или пак во катастрофата бил пресуден човечкиот фактор.

Пожарот во манастирот Трескавец избувна на 4 февруари околу 13 часот и за половина час ги зафати конаците околу црквата Успение на пресвета Богородицаа и трпезаријата кои датираат од 12 и 13 век, споменици на културата, кои за среќа минаа без никакви оштетувања. Во моментот во манастирот бил само монахот Калист и еден турист, кои и покрај ризикот, спасувале вредни икони и цркви од огнената стихија. Непристапноста на теренот беше пресудна во пожарот па на помош беа повикани армиските хеликоптери кои го изгаснаа оганот. Голем број прилепчани, пешки и со теренски возила, веднаш тргнаа кон манастирот и се обидуваа да спасат што е можно повеќе.
Градот Прилеп, видни бизнисмени од тој регион и Владата веќе најавија или дадоа финансиска помош за обнова на манастирот, додека од МПЦ посочија дека е побарано од сите епархии да се вклучат во обновата онолку колку што можат.