Засега два милиони евра!
Колку тежи даночната пирамида, дали стотина милиони евра, повеќе или помалку, засега никој не може со прецизност да каже. Сумата ќе биде прецизирана откако целиот случај ќе биде затворен. Овој мега даночен скандал, според првите проценки тежи околу сто милиони евра, сума за која е оштетена државата. Но, досега трагата е откриена на само околу два милиони евра, велат компетентни извори инволвирани во расветлување на случајот. Преку 24 кривични пријави, кои досега ги поднела финансовата полиција за затајувачите на данок, за што се обезбедени докази и се поднесени пријави до јавното обвинителство откриено е затајување на само околу 120 милиони денари. Од 24 лица против кои се поднесени пријавите, засега десетмина се во притвор. Голем дел од кривичните пријави се однесуваат на суми од околу 30.000 па до 100.000 евра, иако одделни лица затајувале и поголеми суми. Во Министерството за финансии потенцираат дека паралелно со поднесувањето на кривичните пријави, од нивна страна се поднесува и барање лицето против кое е покрената пријавата, да ги врати парите. Наспроти премиерот Бучковски, кој јавно кажа дека се работи за големо даночно затајување, преку кое од државната каса се одлеале стотина милиони евра, министерот за финансии, Никола Поповски, пак, деновиве излезе со изјава дека тој лично никогаш не ја кажал сумата туку само дека се работи за 20-30 до 50 фирми кои во систем на пирамиди затајувале данок на државата. “Сега во моментов може да каже дека се работи за стотици милиони денари. Очекуваме со текот на истрагата и со добивањето на резултатите од целото работење, таа бројка да се прошири”, смета Поповски. Државните органи кои работат на разоткривање на даночната пирамида најавуваат нови кривични пријави против актерите, кои се очекува да бидат поднесени веќе идната недела. Од Министерството за финансии потенцираат дека разоткривањето на овој случај продолжува, а со тоа сумата на затаен данок на државата ќе се зголемува.
Весна М. БОЖИНОВСКА