На местото на споменикот на Андон Јанев – Ќосето пред Судската палата денеска беше засадено дрво – гинко, симбол на човековите права.

– На оваа локација на која пред нешто повеќе од два месеца беше отстранета дивоградбата на која беше поставен споменикот на Андон Лазов Јанев –Ќосето, денеска е засадено дрвото на човековите права. Поставувањето на споменикот на Ќосето пред зградата на судот беше сфатено како порака за партиска послушност на судиите на тогашната власт. Но, отстранувањето на споменикот и засадувањето на таканареченото дрво на човекови права на местото на постаментот-дивоградба е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Покрај дрвото ќе биде поставена изгравирана плоча, а целта е да потсетува на правото на праведно и јавно судење на секој граѓанин пред независен и непристрасен суд изразено во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации.

– Плочата која е донација од збратимениот град Нирнберг ќе упатува порака дека во судот правдата се дели непристрасно. Судството ќе биде независно и ослободено од политичка контрола. Еднаквоста на граѓаните пред законот е гарантирана. Со овој потег Градот ја избира симболиката на законитоста пред нелегалноста, правдата пред партиската послушност, животот пред бронзата и бетонот – нагласи Шилегов.

извор: Makfax